Мето ја држеше во рацете единствената книга во домот, Бајки од браќата Грим. Мето скришно ги читаше приказните за Златокоса, Палче… и патуваше со мислите во некое време каде што сѐ беше волшебно. Тој свет посебно му го оживуваше дедо Ведран, кој љубеше да му раскажува приказни.
Собата на Мето беше исполнета со екрани, светлечки копчиња, роботи… Тој ништо не требаше да прави, освен да зјапа во шаренилото на екраните, кои значеа живот… Беше многу осамен, затоа често знаеше да патува во минатото и да се замислува себеси како суперхерој што ќе ја спаси својата генерација од ропството на технологијата. И во еден таков сон, додека ја живееше приказната за Обуениот Мачор, во неговата соба влегоа Роберт и Христијан. Зјапаа во Мето и неговиот најдобар другар „големата книга“. Не виделе такво нешто. Бојата на лицата им се смени неколкупати. Мето се исплаши… па се преплаши, за на крајот да се охрабри, мислејќи дека можеби овој момент ќе го однесе до воножитото, кое ќе му го оствари сонот и ќе го спаси светот од пропаст. Стана и им раскажа гласно сѐ на своите другари.
Тишина ја обзеде собата. Очињата на Мето за миг блеснаа со надеж, но тогаш неговите ЗЕТ-другари му ја грабнаа книгата од рацете и ја фрлија во разгорениот камин. Огинот само ги пушти своите гладни јазици и ја проголта и последната надеж на оваа генерација. Мето падна на колена, поразен… една солзичка се истркала по неговото лице и повеќе ништо не беше важно.
ЗЕТ-разбојниците се херои на новото време и тие триумфално ја напуштија собата.
Готово е! Исчезна и последната надеж!
Одеднаш се слушна силен звук. Силен ветар засвири надвор. Мето го отвори прозорецот. Ветерот ја протегна својата долга рака во каминот, кој ја беше заробил пепелта од изгорената книга. Ветерот бестрашно почна да му ја зема скапоцената пепел. Имаше борба. Кој од кој посилен. (Мето можеше сето тоа да го види бидејќи приказните создадоа свет на фантазија во неговата глава). Студенило во собата.
Огнот е изгаснат, поразен. А богатството? Богатството пепел лета на сите страни, влегува низ прозорецот на Христијан, продавницата на тетка Ана, влегува во окото на полицаецот Стеван, во срцето на дедо Слободан. Пепелта лета на сите страни навлегува во телото на луѓето и патува до нивните срца.
Малата Лидија трепка со очињата и ѝ вика на баба ѝ: „Бабо имам нешто во окото.“ – „Трепкај чедо, трепкај, ќе излезе!“ „Бабо, дали си слушнала некогаш за Трнорушка?“ А баба Јована се накашлува (малото парченце пепел го стигнува нејзиното срце) „Секако чедо и за Најдиптица, и за Џуџињата“ – „Дојди ќе ја побараме книгата во визбата“.
Во домот на Стефан, баба му му ја чита приказната за Силјан Штркот, а дедо Миле на Алекс му ја чита приказната за Девојката и гуските.
Мето не можеше да верува кога сите тие светлечки екрани се изгаснаа за миг и сѐ беше волшебно, како во приказните.
Радоста ја сподели со дедо Ведран. А ветерот, нивниот сојузник, ја распрска пепелта низ целиот свет и допре до секое срце.
Пофалена литературна творба: Марија Трајаноска, ООУ „К.Г.Јане“ – Прилеп