Етика за млади

Луѓето ги слават оние што му се посветиле на добродетелството на образованието на другите. Меѓу нив ги изделуваат и посебно ги одбележуваат оние што биле први во тоа и кои добро го зацврстиле патот. Такви се нашите први просветители – светите Кирил и Методиј и нивните ученици, светите Климент и Наум Охридски.
Сите Словени ги сметаат браќата Кирил и Методиј за свои првоучители и духовни татковци, а Македонците ги слават и браќата Климент и Наум како свои создавачи и најмили претходници.
И сите други народи и раси си имаат свои првоучители, а секоја генерација и секој човек свои учители и воспитувачи. Со оддавањето почит на учителите, луѓето го одбележуваат тоа основно внимание на човештвото, да не ги заборави слабите и неуките.

Просветителството е единствениот пат на човештвото кон вистинскиот прогрес. Тоа е заложба човекот да стане учена и етичка личност.
Просветителството, пред сѐ, ја истакнува важноста на човековата мудрост и добрина. Луѓето сфаќаат дека имаат потреба од образование, а тоа пак ќе им овозможи да ги развијат своите потенцијали. Со тоа ќе можат полесно да се снајдат во животот, а од друга страна со своите знаења здружено ќе изградат подобар свет и за себе и за другите.

Затоа Денот на просветителите, 24 Мај, не е само потсетување на големото дело на светите Кирил и Методиј, Климент и Наум. Тоа е и шанса за завет на секој одговорен, возрасен човек дека ќе стори сѐ да им овозможи образование и воспитување на младите. Тоа е и поттик за внатрешно осознавање на секоја млада личност дека ќе се посвети на самоизградба низ образованието, за да ги достигне врвовите на своето постоење.

проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла:
Единствениот достоен учител е оној што го поттикнува слободното мислење и развива чувство на лична одговорност

Јан Амос Коменски,чешки педагог


СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ

Св. Кирил и Методиј,
просветители наши биле,
На ова тло гнездо тие свиле,
Учители славни за светот
тие станале,
За слова, за говор,
тие знаења нови давале.

Ги упростувале тие старите слова
И создале азбука нова,
За народот полесно
да се описмени,
Животот на подобро
да му се смени.

Поминаа години долги
И уште толку ќе минат,
Но името и спомените за
солунските браќа
Никогаш нема да згинат.

Извадок од песна на Марта Неделковски,
седмо одделение ООУ „Владо Тасевски – Скопје