Изминатите денови Михаил стекна голем број пријатели меѓу младите новинари од целиот свет. Негова обврска беше на овој голем спортски онлајн настан да ги следи случувањата, како и многубројните работилници што се одржуваа секој ден, за тоа како се прават спортски извештаи, интервјуа, репортажи и како се снимаат
видеоприлози
ТАЛЕНТИ: Михаил Димитровски (10) од Битола дел од меѓународниот настан „Фудбал за пријателство“
Десетгодишниот битолчанец Михаил Димитровски беше дел од Меѓународната детска социјална програма на „Гаспром“ – „Фудбал за пријателство“, која се одржа од 27 ноември до 9 декември, по осми пат. На овој голем онлајн настан учествуваа над еден милион луѓе.
Едукативната програма досега обединила седум милиони љубители на спорот од целиот свет, а Македонија учествува вторпат. Нашиот тим на ова престижно спортско-социјално случување за младите во светот го предводеше тренерот на ОФК Битола, Сашо Илиевски.
Во македонскиот тим беа и двајца млади фудбалери на ОФК Битола, Милан Христовски и Душко Вршкоски, кои се обидоа да демонстрираат пред светот спортски квалитет, додека десетгодишниот Михаил Димитровски беше новинар и амбасадор на пријателство, кој известуваше од Детскиот прес-центар од овој меѓународен настан.
Ова беше негово огнено „крштевање“ како известувач од една меѓународна спортска манифестација. Михаил е ученик во шесто одделение во ОУ „Климент Охридски“ во Битола. Благодарение на неговото извонредно познавање на англискиот јазик, кој го изучува од својата трета година, тој одлично се снајде во улогата на млад новинар.
Деновиве тој стекна голем број пријатели меѓу младите новинари од целиот свет. Негова обврска беше на овој голем спортски онлајн настан да ги следи случувањата, како и големиот број работилници што се одржуваа секој ден за тоа како се прават спортски извештаи, интервјуа, репортажи и како се снимаат видеоприлози.Учесниците од сите репрезентации имаа можност да учествуваат и во освојување на Гинисовиот рекорд за најмасовно заедничко спортско дружење.
И навистина Михаил има чудесен почеток во новинарството.
Иако засега сѐ уште е рано да се каже дали ова талентирано момче ќе се определи за новинарството или за неговата огромна љубов информатиката, сепак, ако сѐ се случува според поговорката крушата под круша паѓа, големи се шансите Михаил да заплива во новинарските води, бидејќи новинарската професија е семејна традиција во неговиот дом. Дедото на Михаил е познат и искусен новинар од Битола, кој цели четири децении е присутен и сѐ уште активен новинар во „Битолски весник“ и дописник на весникот „Нова Македонија“ од Битола.
Со новинарство се занимава и неговата тетка Васка Младеновска, која е директорка и главна уредничка на „Медија прес ВМ“, фирма што го издава најстариот локален печатен медиум во државата „Битолски весник“, а неговата мајка, Марија Младеновска Димитровска, која иако почна како новинарка, подоцна се определи за психологијата, е сопственичка на локалното комерцијално радио Б-97, кое непрекинато работи речиси три децении.
Инаку, малиот Михаил неодамна ги почна првите чекори и како радиоводител токму на брановите на ова локално радио и уште во почетокот покажа голем афинитет и талент. Сепак, на прашањето дали има желба да стане новинар, тој со насмевка вели дека е рано да се зборува за тоа, бидејќи тој стана дел од овој спортски спектакл случајно, по препорака на некои негови другарчиња. Засега вели дека повеќе сака да биде информатичар, кој ќе снима дигитални платформи. Освен во информатиката, тој е заљубен и во литературата. Освен што пишува лични творби на мајчиниот македонски јазик, Михаил подолго време на англиски пишува новела, која планира да ја заврши до крајот на годинава.
Вирусот на љубовта
Имам само една желба,
меѓу нас да нема делба,
сите да сме радосни и среќни,
да нема болни и немоќни.
Од љубов да се инфицираме сите,
посреќни да ни бидат дните,
децата да се весели и радосни,
лицата да ни ги красат насмевки.
Да бидеме среќни,
да бидеме радосни,
да уживаме заедно во
детските палавости,
да се вратиме во училиштата
некој ќе рече,
и животот нормално
да продолжи да тече.
Автор: Михаил Димитровски
Награда за литературна творба
Михаил деновиве доби втора награда за поезија на конкурсот што го организира неговото училиште „Климент Охридски“, по повод одбележувањето на патрониот празник. Тој е ученик во 6-3 одделение, а неговата песна посветена на актуелната пандемија е насловена „Вирусот на љубовта“, која ја читаше на неодамнешната онлајн приредба.
Второ учество на битолчани
Битола вторпат учествува на спортскиот настан „Фудбал за пријателство“. Своето прво учество го имаше во 2017 г., кога во програмата на овој мегапроект учествуваа 64 земји, а претставници од Битола беа менторот Саше Илиевски и Стефан Талевски, како прв фудбалер. Тој беше достоен репрезент на нашата држава и успешно ги промовира спортските и културните вредности. Тогаш настанот се одржа во Санкт Петербург, Русија, и беше одлично организиран, со присуство на мегапопуларни фудбалски ѕвезди.
– Целта на програмата е поддршка на детскиот и младински спорт, промовирање на здравиот начин на живот, како и негување на почитувањето во младите генерации од различни националности и култури. Млади играчи и млади новинари се учесници во програмата. Тоа се момчиња и девојчиња на возраст од 10 до 14 години, вклучувајќи ги и децата со посебни потреби. Младите играчи се вклучени во мешани екипи, каде што претставници од различни култури и земји учат да играат во иста екипа. Децата новинари ги следат случувањата на програмата во Меѓународниот детски прес-центар. Програмата се состои од неколку глобални случувања, но оваа година поради ситуацијата со пандемијата на коронавирусот, се реализира онлајн.
Во текот на седум сезони, повеќе од 6.000 деца од 211 земји учествуваа во овој проект, додека пет милиони луѓе учествуваа во спортските, образовните и еколошките активности во програмата низ светот – вели тренерот на ОФК Битола, Саше Илиевски.
Програмата ја поддржуваат ФИФА, УЕФА, Меѓународниот олимписки и параолимписки комитет, фудбалските сојузи од целиот свет, различни детски здруженија, илјадници познати фудбалери и спортисти, како и огромен број новинари од целиот свет.
На годинашното отворање учесниците имаа можност да се запознаат со фудбалската легенда на Реал Мадрид и член на репрезентацијата на Бразил, Роберто Карлос, и да му постават прашања.