Балкански писатели за деца во „Колибри“: ВЛАСТА ЦЕНИЌ, СРБИЈА
Во денешниот број на „Колибри“ ви го претставуваме Власта Н. Цениќ, истакнат српски поет за деца. Роден е во 1957 година во селото Топличко Кочане, во општината Дољевац, во близина на Ниш. Пишува песни за детството и љубовта, а автор е на поетските книги „Ластовичка поетеса“, „Штрапки“, „Кладенче“, „Се сакале шушумиги“, „Бато ќе се жени“, „Работничкиот воз во пет и десет“, „Песни“, „Крилат камен“, „Плетени песни“ и други. Автор е на антологиите „Засекогаш деца“, каде што се поместени од просветни работници до литературни творци, како и антологијата „Мојот татко храни птици“, која опфаќа поезија посветена на татковците. Неколку негови песни се компонирани за детски музички фестивали во Србија.
Некои од своите песни Цениќ ги напишал на дијалект, бидејќи како што вели: „Народниот јазик е музикален и убаво звучи, а песната секогаш доаѓа до љубителите на поезијата, иако има зборови што можеби не ги разбираат“.
– Кога посакав да пеам за своето детство, тоа го направив на јазикот на моите детски денови, бидејќи тоа се моите први сеќавања на миговите кога зачекорив во животот. Често патувам и можам да кажам дека моите песни ги разбираат сите. Не го знаат секој збор, ама ја разбираат пораката. Така е во Бања Лука, Сараево, Софија, во Војводина, Црна Гора, во Македонија… Затоа, сметам дека дијалектите се вредност што не смее да се запостави – вели Цениќ.
Тој смета дека неговите песни лесно пронаоѓаат читатели, зашто темите му се современи – првата љубов, училиштето, семејството, родниот крај. Тој е добитник на голем број литературни награди, а скоро нема место во регионот каде што не ја рецитирал својата поезија за млади, што за него е „големо духовно богатство“.
Негова најрецитирана песна е „Наташа“ од 1997 година, од книгата „Ластовичка поетеса“, а најпопуларна збирка е „Бато ќе се жени“.
Власта Н. Цениќ е идеен творец и организатор на манифестацијата „Средби на просветните работници – литературни творци за деца“ во Дољевац, на што е особено горд. Член е на Друштвото на писатели на Србија и на Здружението на писатели и литературни преведувачи од Ниш. В година ќе се навршат 40 години како работи како наставник по српски јазик во ОУ „Вук Караџиќ“ во Дољевац.
Драги наши читатели, ви претставуваме неколку песни од збирката „Ѕвездена лектира“, со која поетот Власта Н. Цениќ прослави триесет години од првата објавена книга. Ф.Д.