OД БЕЛЕЖНИКОТ НА ПИСАТЕЛОТ: AЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ

Современиот македонски писател за деца и за возрасни Александар Поповски, е роден во 1932 година во Ново Косово, Приштина, во Косово. Основно образование и гимназија завршил во Кавадарци и во Скопје. Студирал книжевност на Филозофскиот факултет во Скопје и светска книжевност на Универзитетот во Љубљана.

Работел како новинар во Радио Скопје, во весниците „Трудбеник“ и „Вечер“, а бил и главен и одговорен уредник на списанието за деца „Развигор“ во издателството „Детска радост“. Бил и главен и одговорен уредник на издавачката дејност „Александар и Александар“ во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1962 година. За 2016 г. е награден со наградата „Ванчо Николески“ за книга за деца од страна на ДПМ.

Од творештвото за деца ќе ги споменеме поетските книги: „Прозорец на седмиот кат“, „Мудри и збеснати“, „Кисел портокал за еден мал крал“, „Две шупелки“, „Цупка трупка“, книгите со кратка проза за деца и млади „На што личи снегот?“, „Најубавиот букет“, „Градот на гулабите“, „Окото на срцето“, „Мокро куче, сува мачка“, романите за деца и млади: „Лето во Славино“, „Дождови и поплави“, „Бакнежи за сеќавање“, „Куќарка на чаирот“. Александар Поповски е и антологичар, подготвил неколку антологии со творештво за возрасни и за деца од автори од Македонија и од светот. 


ТВ-ДЕФЕКТ

Без врева да крева,
Мачката на Крапче,
Крај самата антена,
Демне итро врапче.

Врапчето ми скокна,
Мачката се вплетка,
Телевизор молкна,
Снема звук и глетка.

Дедо мустаќ сучи,
Сучи лев и десен,
Белјата се случи,
Стана лут и бесен.

Баба глупа мачка,
Со метлата брка,
Крапче страв и плачка,
Молчи, чорба срка.

Леле, кутар дедо,
Среде ТВ-криза!
До кога ќе гледа,
Мрачен телевизор?


ВОДЕН ЦВЕТ

Детенце бубалка фати,
Сака крилца да ѝ скрати.

– Пушти ме, мило, ова лето,
Да го разгледам јас светот!

Само ден ќе леткам така,
Дури да се спушти мракот.

Кога утрово те сретнав,
Мислев цветец ти си цветнат.

Денови ти имаш полно:
Детство долго: среќно, волно.

Дозволи и јас да крилам,
Цел свој живот, дете мило!


ДА БЕВ СЛИКАР

Да бев сликар, талент голем, што ќе сликав?
Што ќе се видеше на мојата слика?

На сликата ќе ми го видевте ликот:
Од каде сум, кој сум и како се викам!

Кој ме сака, кого сакам, по што пекам;
Кого барам, кој ме чека, кого чекам.

Каде сум бил, каде одам, кај ќе одам;
Преку река, преку море, каде бродам.

Мила мајка, мојот татко, баба, дедо,
Колку радост, колку грижа – вредно чедо!

За секого четка имам, боја, платно –
Восклик, копнеж во моето дело златно.