Заврши литературниот конкурс „Среќата доаѓа одеднаш“ на ЦК „Кочо Рацин“ во Кичево
На литературниот конкурс на темата „Среќата доаѓа одеднаш“, што единаесетти пат го организира центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, по повод патрониот празник 13 јуни, пристигнаа околу педесетина литературни творби од сите училишта во општината Кичево. Добитник на првата награда е Петар Стојаноски, ученик од петто одделение од ОУ „Христо Узунов“ од селото Другово.
За големиот успех и освојувањето на првата награда, Петар заслугите сака да ги подели со својата тетка Даниела и со наставникот по македонски јазик и творештво, Милчо Данилоски.
– Желбата да пишувам песни и раскази ја добив од мојата тетка Даниела Попоска, а на часовите по македонски јазик и творештво бев поттикнат од страна мојот ментор, наставникот Милчо Данилоски, кој ме насочи уште повеќе да го засакам книжевното творештво и што повеќе да го искористам својот талент. Сметам дека оваа награда е дополнителен стимул да продолжам да пишувам, да создавам нови дела и да освојувам нови награди – рече добитникот на првата награда Петар Стојаноски.
Тој оваа пролет ја доби и републичката награда на темата „Безбедноста не е шега“.
– На литературниот конкурс на темата „Среќата доаѓа одеднаш“, што годинава единаесетти пат го организиравме по повод патрониот празник на нашиот центар за култура, пристигнаа педесетина творби од речиси сите училишта во нашата општина. Во силна конкуренција, расказот на Петар Стојаноски од страна на комисијата беше прогласен за најуспешен. За освоената прва награда, ученикот Петар од наша страна беше награден со рачен часовник, учениците што беа добитници на втората награда добија училишни ранци, додека освојувачите на третата награда добија по еден УСБ-стик. На сите преостанати ученици што испратија свои творби на овој конкурс им подаривме по една книга и ги охрабруваме и наредните години да учествуваат на конкурсот – истакна Мазлам Османи, директор на Центарот за култура.