ТАЛЕНТИ

Дванаесетгодишниот шампион Петар Богатиновски се подготвува за учество на Светското првенство во картинг, кое ќе се одржи во Бахреин, во декември годинава.
Со победата во Централна европска зона (ЦЕЗ), тој е првиот Македонец што се квалификува за ова престижно првенство.
Иако има само 12 години, досега Петар Богатиновски освоил седум шампионски титули. Зад воланот во картинг-болид седнал на четири, а својот прв професионален настап го имал во 2016-та, кога имал полни седум години. Оттогаш постојано реди успеси.
За жал, во 2018 година, кога ги освоил шампионската титула во Србија, шампионската титула на Македонија и вицешампионската во ЦЕЗ-шампионатот, поради недостиг од спонзори бил принуден да ја одбие понудата да стане дел од тимот на Ралф Шумахер (јуниорски тим) во Лонато, Италија, каде што ги поминал тестирањата и покажал извонредни резултати.
Покрај фасцинираноста од Формула 1, за која неговиот татко Игор Богатиновски сведочи дека се појавила кога Петар имал само две години, инспирацијата да стане картинг-пилот ја добил и од анимираниот филм „Молњата Меквин“ (Lightning McQueen).
И претседателот Стево Пендаровски му посака успех и побара поддршка за младиот Петар на претстојното Светско првенство во Бахреин.