Мене ми се чини дека секој воз знае по една песна. Качете се во кој било воз, седнете каде било и вслушајте се: трака-трука-трака, трука-трака-трука! Нели е тоа песна? Обидете се да ја испеете! Ви оди многу лесно. Се разбира, железните тркала на песната не иѝ ставаат зборови. Но патниците, секој за себе, секој според своето расположение, може да си состават зборови. Еве какви зборови составив јас на едно патување:
Трака-трука-трака
трака-трука-трак,
по долгите шини
јури возот јак.
Развеал на ветрот
густ чад како грива,
па личи по тоа
на кобила сива.
А кога ќе свирне,
ти се чини квичи,
па мнозина велат,
на прасе ми личи!
Некој пак за возот
и вака ќе рече:
ко стонога долга
по шини се влече.
Но се знае, деца,
возот си е воз,
и кај што ќе стигне
најсакан е гост.
Трака-трука-трака
ита возот јак.
Среќно нека оди
по својот долг пат!
Спој на книгите „Морнарот Неп“ и „Сказни од Возовија“
Неодамна излезе од печат книгата „Патуваме во Сказновија“ , во издание на „Просветно дело“ од Скопје, која всушност е спој на две книги на познатиот македонски писател за деца Глигор Поповски – „Морнарот Неп“ и „Сказни од Возовија“. Всушност, повеќето приказни од ова дело, со наслов „Морнарот Неш“, се објавени во 1977 година во Загреб, од издавачката куќа „Младост“, а другите читателите можеа да ги прочитаат во книгата „Сказни од Возовија“.
– За почит е што на овој начин не само што не се забораваат вредните дела туку и на најубав можен начин се потсетуваат помладите генерации на светот на сказната создаден пред педесет години. Денес, кога сказните ги има на некој свој нов, условно, електронски начин, на секој чекор, тогаш, во времето на пишувањето на „Сказните од Возовија“, беа производ на исклучителната имагинација на писателот, на Глигор Поповски – напиша во поговорот Ванчо Полазаревски.
Според него, најголемата вредност на овие сказни е начинот на кој тие му се нудат на читателот, и како четиво и како своевидна покана за нови, бесконечно многу сказнувања.
– Според јунаците на овие сказни, светот на волшепствата со својата убавина и добрина нема ни крај ни почеток, туку јури како некоја сказна-воз. Секој од нас некаде си ја чува својата Сказновија – вели Полазаревски.
Глигор Поповски (с. Будинарци, Беровско, 1928 – Скопје, 2007) е еден од првите писатели за деца и млади во нашата земја и плоден преведувач. Завршил Учителска школа во Скопје. Работел како уредник на детските списанија на „Детска радост“. Негови најпознати дела се: „Со тротинет по цел свет“, „Бајка за детето Вилен“, „Сказни за Возовија“, „Црвената рака“, „Бојан“, „Планино, убавино“ и други.