Таленти: Петар Пројкоски, полуматурант во ООУ „Владо Тасевски“ во Скопје
Меѓу освоените педесетина награди најблиску до срцето ми се првото местo на првиот државен натпревар по Природни науки и првото место на државниот рецитаторски натпревар. На спортски план, пак, имав привилегија да бидам дел од најуспешната генерација на млади фудбалери во ФК Вардар, а во РК Алушовски, пак, го постигнав и најголемиот поединечен успех на меѓународниот ракометен турнир во Лесковац, Србија, кога, покрај освоеното прво место во екипна конкуренција, бев прогласен и за најдобар играч на турнирот, вели Петар Пројкоски
За Петар Пројкоски, полуматурант во ООУ „Владо Тасевски“ од Скопје, наставниците велат дека е мултиталент, а резултатите што ги постигнал досега го потврдуваат тоа. „Ги сакам спортот и музиката, ме привлекуваат историјата и литературата, но ја сакам и науката. Отсекогаш ме интересирало да разберам зошто се нештата такви какви што се и што се крие зад аголот. Секој успех нѐ прави подобри и е потврда дека можеме и уште повеќе. Затоа и ги сакам натпреварувањата. Ми покажуваат дека можам и ми помагаат да сонувам уште повеќе“, вели ова амбициозно момче пред кое несомнено има светла иднина.
Досега си учествувал на многу натпревари, кои се твоите позначајни успеси?
– Во изминатите 9 години редовно учествував на многу натпреварувања по Математика, Природни науки и Хемија и секогаш освојував една од првите три награди, како на општинските така и на регионалните натпревари. Бев дел и од училишниот фудбалски и ракометен тим, од училишниот хор и секогаш бевме на врвот. Зад мене се повеќе од педесетина дипломи и признанија и сите ми се еднакво драги. Сепак, најблиску до срцето ми се првото местo и првата награда на првиот државен натпревар по Природни науки, како и првото место на државниот рецитаторски натпревар. На спортски план, пак, имав привилегија да бидам дел од можеби најуспешната генерација на млади фудбалери во ФК Вардар и заедно со нив, години во низа, да бидеме најдобри во нашата земја. Во РК Алушовски, пак, го постигнав и најголемиот поединечен успех на меѓународниот ракометен турнир во Лесковац, Р Србија, кога, покрај освоеното прво место во екипна конкуренција, бев прогласен и за најдобар играч на турнирот. Сите успеси и награди, мои лични или тимски достигнувања ми се еднакво важни. Најверојатно е така затоа што зад нив секогаш стои она што другите не го гледаат, а е неопходно за постигнување на каков било успех – поддршката од моите родители, наставници, тренери, и, се разбира, она без кое ниеден успех не може да се постигне – макотрпната работа и труд за тоа што навистина го сакаме, за она за кое мечтаеме и фантазираме и очекуваме еден ден да стане дел од нашиот живот. Конечно, мојот најголем успех е гордоста што секој ден ја гледам во очите на моите родители и најблиски, моите наставници, што ме прави уште посигурен дека чекорам по најдобриот и најкорисен пат за мене.
Како се заинтересира за ораторството?
– Во нашето семејство отсекогаш била присутна љубовта кон пишаниот збор, а ораторството и изразното читање ме привлекувале од најрана возраст. Уште од мал го гледав дедо ми, кој беше новинар, како ги прелистува дневните весници, или како седнат над машината за пишување создава текстови, кои потоа со возбуда ни ги читаше. Татко ми, пак, ми велеше дека секој збор крие приказна, емоција и дека зборовите на писателот се дел од неговата душа. Веројатно на тој начин се будеше и растеше и мојата љубов кон литературата и поезијата. Таа љубов ја препознаа и ја поддржаа и моите наставнички Светлана и Александра од самиот почеток на основното образование, за потоа мојата наставничка по Македонски јазик Соња Деловска да ја развие и, како што велат, да ја однесе на многу повисоко ниво. Всушност, таа е најзаслужна за успехот на државниот натпревар. Нејзината континуирана верба во мене и моите способности, беа силна мотивација и поттик да бидам подобар. Самиот натпревар беше вистинско доживување. И покрај големата возбуда, кога застанав на говорницата во исполнетиот амфитеатар на Филолошкиот факултет, одеднаш сѐ се смири, а зборовите на „Татунчо“ и другите песни сами излегуваа од мене.
Природните науки, исто така, се многу интересни за секој ученик што сака подобро да ги запознае. Што те привлекува најмногу тебе во оваа област?
– Некаде прочитав дека Природните науки се море без дно. Дека ни овозможуваат да ја запознаеме природата и нејзините закони, да разбереме зошто и како се случуваат појавите. Јас би додал дека тие ја разбудуваат и поттикнуваат и мојата љубопитност и истражувачки дух, ми овозможуваат да фантазирам и можеби еден ден фантазијата да ја претворам во реалност.Според мене, Природните науки нудат неограничени знаења. Многупати ми се случило да ја научам лекцијата, а потоа пред мене да се отворат уште неколку прашања. А кога ќе го најдам одговорот на нив, се отворале уште многу други, нови прашања. И секое прашање станувало ново знаење. Како кога влегуваш во океан – на површината се само брановите, но кога ќе нурнеш во неговите длабочини, пред тебе се појавува еден нов и таинствен свет што треба да се истражува.
Музиката, спортот, се разбира, се нераскинлив дел од сечиј живот, а особено на младите. Колку и таа љубов те оформи да бидеш поцелосна и подобра личност?
– Нема да претерам ако кажам дека не би можел да го замислам денот без нив. Музиката е буквално секогаш со мене, што и да работам. Некако ме смирува, но и ме мотивира. Можеби е чудно, но таа секогаш успева да ги разбуди кај мене вистинските емоции и ми помага полесно да ги разберам другите, но и работите што ми се случуваат. Од спортот научив многу – што значи упорност, напорна работа, дисциплина, што значи да се биде дел од тимот – дека успехот на тимот е поважен од успехот на поединецот.
И какво е чувството кога по долго, напорно тренирање, повторување на истите работи додека не се научат и извежбаат совршено, ќе дојде успехот. Кога сите заедно, во прегратка, се радуваме на постигнатиот гол или освоеното прво место. Тоа нема цена. Но секоја паричка има две страни: таму каде што е успехот, веднаш до него е и поразот. Научив да го почитувам него уште повеќе, затоа што ништо не ги зацврстува карактерот и мотивацијата така како што го прави тоа поразот. Да паднеш, но потоа да станеш уште порешителен. Ете, тоа го научив од спортот, од моите 7 години во Вардар и 1,5 година во Алушовски.
Што е она по што ќе ги паметиш деветте години во ООУ „Владо Тасевски“?
– Овие девет години поминаа многу побрзо отколку што очекував, иако секогаш слушав од постарите дека „она што е убаво и забавно, кратко трае“. Кога ќе се сетам колку трема имав првиот ден за да ги кажам само името, презимето и годините на првата средба со мојот клас, секогаш почнувам да се смеам. А всушност, сѐ во ова училиште започна со таа прва средба. Многу убави моменти, смеења, другарувања, па и по некоја симпатија, успеси и достигнувања (тимски и индивидуални), еуфорија и многу други незаборавни моменти ми прелетуваат и ќе ми прелетуваат низ глава кога ќе се спомене „Владо Тасевски“. И многу, многу лудории – кога би можеле и самите училишни ѕидови да зборуваат, верувам дека би имале и тие многу за кажување. Запознав многу другари и стекнав многу пријателства. Благодарение на моите наставници се стекнав со знаења, кои верувам дека ќе ми бидат од корист во понатамошното школување. Накратко, „Владо Тасевски“ беше мојот втор дом, и како таков ќе ми остане засекогаш врежан во сеќавањето.
Пред тебе е крстопат, треба да се одлучиш каде ќе го продолжиш образованието. Одлучи ли каде ќе учиш од септември и зошто токму таму?
– Тоа беше мојата најтешка одлука досега. Изминатите месеци ги поминав во собирање информации за можните училишта, сослушав многу туѓи искуства. Ги анализирав предностите и недостатоците на секое од нив. Сакав моето ново училиште да ми овозможи целосно да го развијам својот потенцијал и да ги унапредам своите способности, како и да ме насочи и подготви за понатамошното образование. Изборот падна на меѓународното училиште „Нова“. Сѐ уште немам целосна и јасна слика за мојата иднина. Ме интересираат Природните науки, модерниот дизајн, градежништвото, спортот, музиката… Ќе видиме. Но едно е сигурно во мојата глава, а тоа се желбата и решеноста да го завршам високото образование на најквалитетен и најдобар можен начин.