Фолклорната манифестација на ДКЦ „Карпош“ одбележува 30 години постоење
„Меѓународниот фолклорен фестивал „Оро без граници“ – симбол на пријателството меѓу децата, три децении успева на уникатен и единствен начин да ги сплоти нашите најмили од различни краишта и вери. Тој е подиум за промоција на разни култури на автентичен начин. Манифестација каде што се вкрстуваат мелодиите, ритмите, танците, боите и сѐ се слева во една приказна, која трае цели три децении. Приказна топла, силна, истрајна, радосна, која буди трепет низ телото и нѐ врзува со прекрасни спомени. ‘Оро без граници’ е манифестација со која растеа многу генерации во Скопје“. Ете, со овие зборови и импресии познатиот детски фолклорен фестивал го опишува д-р Билјана Лалчевска Серафимовска, директорка на ДКЦ „Карпош“ и некогашна членка на детскиот фолклорен ансамбл во ова креативно катче, со кое сега раководи, во кое многу деца го надградуваа својот талент под будното око на врвни професионалци и педагози.
Токму тука е создадена и оваа манифестација, која ги отвора границите и урива бариери, а истовремено ги поврзува сите во едно бескрајно оро на пријателство и соработка меѓу децата од целиот свет.
Богата програма за јубилејот
„Оро без граници“ деновиве одбележува голем јубилеј – 30 години постоење, а по тој повод ДКЦ „Карпош“ подготви богата програма. Во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје беше отворена изложбата „Три децении ‘Оро без граници’“, на која беа изложени фотографии на кои се претставени членовите на ансамблот од повеќе генерации, во традиционални носии од повеќе региони на Македонија. Снимен е и документарец за манифестацијата, во кој основоположникот на фестивалот Тофе Дракулевски се сеќава на почетоците, беше промовирана и монографија за „Оро без граници“, а прославата беше заокружена со две фестивалски вечери, на 16 и 17 септември, во „Куршумли-ан“, во старата скопска чаршија.
Како се роди фестивалот, се потсети и иницијаторот за неговото создавање и доајен на македонскиот фолклор Тофе Дракулевски, кој бил уметнички раководител на фестивалот и на детското фолклорно студио при ДКЦ „Карпош“ од 1991 до 2005 година.
– Пред 30-40 години, во сите градови во нашата земја беа формирани фолклорни групи што го негуваа нашето фолклорно творештво создавано со векови. Пионерскиот дом „Карпош“ уживаше голем углед, зашто имаше еден од најдобрите фолклорни ансамбли, не само во Југославија туку и пошироко. Учествуваме на Фестивалот на детето во Шибеник, Хрватска, 11 пати во низа, во Виена, Австрија, меѓу 53 ансамбли од цел свет бевме гости на отворање на зградата на ООН, сме гостувале и на фестивалот ТРТ во Анкара, Турција, а бевме и во Измир, Сараево, но и на други континенти. Ги паметиме сите гостувањата во Канада, Тајван, Јапонија…, па дури и на островската земја Мартиник… Токму тие наши контакти ни дадоа идеја и ние да направиме фестивал, за да им ја возвратиме гостољубивоста на сите наши домаќини. За жал, во тој период дојде до распаѓање на Југославија, до раздружување на републиките и создавање нови граници, па токму затоа манифестацијата доби име „Оро без граници“. Идејата фестивалот да се одржува во првата недела на октомври, која е прогласена за Светска недела на детето, им ја кажав на моите соработници Томе Брзанов, тогашен директор на ДКЦ „Карпош“, и Елена Старделова, програмска организаторка, и набрзо беше одлучено да започнеме со организирањето на првиот фестивал. Поканивме повеќе фолклорни ансамбли со кои претходно имавме соработка и, секако, најдобрите детски ансамбли од нашата земја и почна нашата успешна приказна. Традиционално четиридневниот фестивал започнуваше со прекрасно дефиле на сите учесници по скопските булевари, до плоштадот „Македонија“, каде што на кејот, под Камени мост сите изведуваа по една кореографија, а најубав беше моментот кога младите игроорци се фаќаа во едно големо оро. Се организираше и свечен концерт во Универзалната сала, а редовно по повод фестивалот бевме примани од највисокиот политички врв – се сеќава Тофе Дракулевски.
И нему и на сите што учествувале и учествуваат во подготовката на овој детски фолклорен фестивал им беа доделени благодарници на свечената академија на летната сцена на ДКЦ „Карпош“, каде што на 16 септември беше промовирана и монографијата „30 години интернационален детски фолклорен фестивал ‘Игри без граници’“.
Отворени врати за над 400 фолклорни ансамбли
– Во немирните времиња на создавање на фестивалот преку детското оро, желбата беше да се отфрлат границите – политички, верски, географски, духовни… Желбата да се промовира македонскиот фолклор, да се навраќаме кон врутоците на битот наш народен, кон нашиот јазик, народните преданија и творештво, но и да се запознаваме со непроценливите вредности на другите култури. Низ отворените врати на фестивалот до денес продефилираа над 400 фолклорни ансамбли од нашата држава и странство. Остана желбата да ја вратиме детската игра, да го негуваме фестивалот, бидејќи само така нашата работа ќе има смисла – рече д-р Томислав Танески, член на Организацискиот одбор на фестивалот, кој учествуваше и во создавањето на монографијата.
Јовица Блажевски бил уметнички раководител на фестивалот од 2006 до 2013 година.
За мене, тоа претставуваше голема чест, но и голема одговорност. Кога ќе се приближеа деновите за подготовка на фестивалот, се будеше некоја нова енергија меѓу сите учесници. Не беше мала работа да им бидете домаќин на деца од повеќе земји, да направите програма со активности за сите денови и сѐ што е потребно фестивалот да мине во најдобар ред – се сеќава Блажевски.
За Снежана Балканска, уметничка раководителка на фестивалот од 2014 до 2021 г. „Оро без граници“ обединува и зближува различни култури веќе три децении.
– Ова е оро со различни цветови во сите бои, кои се спојуваат во една разиграна и распеана симфонија на културите од светот. Горда сум што сум дел од ДКЦ „Карпош“ и што имам можност да придонесам за одржување на манифестацијата, која го игра орото веќе 30 години – рече Балканска.
Фестивалот од самото основање има ревијален карактер.
– Во почетокот се реализира со три фестивалски вечери за сценска презентација, а потоа во една вечер. Покрај овие активности, се организираат и едукативно-забавни активности, како и посета на знаменитостите на градот Скопје. Замислата е секогаш да се одржува на отворен простор, но во зависност од временските услови може да се одржи и во затворен. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на нашата и традицијата на другите земји од светот, а така ќе биде и во иднина, со збогатена и интересна фестивалска програма – посочи Билјана Лалчевска Серафимовска.
„Оро без граници“ на страниците на „Колибри“
Бидејќи „Колибри“ секогаш ги следи активностите на децата и нивната креативност, од самите почетоци на странците на нашиот додаток пишувавме за оваа уникатна манифестација и со радост известувавме за шареното дефиле на учесниците на „Оро без граници“, кое ги красеше скопските улици. Искрено се надеваме дека детското орото в година повторно ќе се вие на плоштадот „Македонија“.
За сите деца од светот
Дојди, непознато другарче мое!
Да ти раскажам еден сон.
Сонував дека сите деца на светот
едно до друго се држат за раце
и прават огромен синџир околу цела планета.
Се гледаат во очи, весело се смеат
И се разбираат на единствениот јазик,
Кој сите деца во светот го знаат:
Љубовта!
Дојди, драго другарче мое!
Да трчаме заедно по росните ливади
Искапени во сончеви зраци
Весели, разиграни и слободни како птици,
Со развеани змејови по синото небо,
и секое дете,
безгрижно да кове планови за утре
да се на секој успех
и со нетрпение да ја чека светлата:
Иднина!
Дојди, сакано другарче мое!
Да ги извалкаме усните со чоколадо,
а чевлите со кал.
Да бркаме пеперутки и бубамари
Со округли и полни мешиња, сити.
Да се бркаме додека не ни поцрвенат образите
и потоа да си легнеме
во нашите топли и удобни креветчиња.
Да си ги гушнеме мама и тато
и спокојно да заспиеме
во единственото место каде што припаѓаме
и сите го нарекуваме:
Дом!
Дојдете, знајни и незнајни другарчиња мои!
Да ве гушнам сите заедно
со рацеве мои долги илјадници милји.
Да ви кажам колку ве сакам,
да ви кажам колку сте храбри и цврсти,
убави, љубопитни и мили.
И сите до еден заслужувате љубов, слобода и мир.
Бидете силни, другарчиња мои!
Вие сте иднината и надежта за поубав свет
и единствено што заслужувате е да бидете:
Среќни!
Алексеј Стојановиќ,
осмо одделение.
ООУ „Дане Крапчев“ – Скопје
Менторка: Елена Малинова
Од книгата „Детски литературен фестивал
Ракатки 2021“