ЗЕЛЕНА СТРАНИЦА
Проектот на учениците од 9-б одделение од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје, „Инвазивни растенија и животни во Општина Карпош по течението на реката Вардар“, координиран од двајца наставници во својство на ментори, Даниела Радевска и Стефан Симовски, стана дел од глобалната акција за заштита на биолошката разновидност со седиште во Хамбург, Германија. Учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ го реализираа екопроектот во соработка со Катедрата за ботаника и дендрологија на УКИМ, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје.
Организатор на оваа глобална акциска мрежа се германската секција на ГЕО и еколошката фондација „Хајнц Зилман“. Оваа меѓународна и пред сѐ глобална акција за заштита на видовите традиционално се организира секоја година по повод Светскиот ден на биодиверзитетот. Годинава учествуваат околу 17.000 учесници од Европа, со околу 800 проекти. Главната задача на учесниците во овој глобален проект е колку што е можно подетално да ги проучат биолошката разновидност и потребата од заштитата на видовите во своето непосредно опкружување и да ја документираат, за да дадат автентични информации за фактичката состојба. Целосно подготвениот проект на германски јазик пред да биде реализиран, мора да биде прифатен и одобрен од организаторот.
Инаку, ООУ „Лазо Трповски“ со овој екопроект минатата учебна година конкурираше на распишаниот конкурс за поддршка на училишни екопроекти од Фондот за иновации и технолошки развој, но без издржано образложение екопроектот на училиштето беше одбиен од страна на Фондот.
Стефан Симовски, координатор на екопроектот,
предметен наставник по германски јазик