Слонче со ѕвонче
Во зоо-градината,
две слончиња мали,
ама еве денес –
едно од нив фали.
Каде ли се скрило,
никаде го нема,
не е толку малечко –
некој да го земал?!
Кој го види, молиме,
дома да го прати,
малечко е, не знае –
само да се врати?!
Кога ќе го најдеме
тоа наше слонче,
за да не ни бега –
ќе оди со ѕвонче!?
Црно маче
– Јас живеам живот мачен
– рече едно црно маче.
– Штом минувам, сите стојат,
веднаш нешто друго кројат!?
Бегаат на друга страна,
а јас само барам храна.
Срцето од жал ме стега –
и глувчето ене бега!?
Летни насмевки
Сонцето од исток
наутро се буди
и на сите деца –
насмевки им нуди.
Еве стигна летото
пак кај нас се врати,
кошули, панталони
наполу ни скрати.
Сега сите шетаме
со алишта тенки,
одиме во природа,
седиме под сенки.
Еве стигна летото
низ волшебни врати,
низ игри и насмевки –
детството го злати.
Иде распуст летен
Иде распуст летен
играта нѐ чека,
крај езеро, море,
или бистра река.
А баба ми сака
да ѝ стоплам крило,
па ме вика в село:
-Дојди, внуче мило.
Дојди, јагне мое,
баба ако слушаш,
да ми стоплиш срце,
да ми згрееш душа.
Развигорец летен,
ќе ти гали коса,
насмев ќе ти нуди
трендафил со роса.
Одлучив, ќе одам,
баба ми е важна,
нејќам цело лето,
таа да е тажна.