Васил Мукаетов

Неуморниот писател за деца Васил Мукаетов, неодамна своите млади читатели ги израдува со две нови книги, „Растиме да порасниме“ и „Сѐ е игротека“, кои веќе се во книжарниците. Заедно со нив е и книгата „Скокни прескокни“, добитник на наградата „Ванчо Николески“ на ДПМ, која е печатена како второ издание и е вклучена во лектирите за основците.

– Мојата постојана комуникација со младите читатели е потврда дека сум на вистинскиот пат. Децата не само што ме инспирираат, туку и ми помагаат во реализацијата, прават илустрации за моите книги, а понекогаш дури, поттикнати од некоја моја песна и самите создаваат литературни творби. Таков беше случајот со ученичката Кристина Попова, од селото Куклиш, која ми испрати едно нејзино писмо, инспирирано од мојата песната „Татковината сме сите ние“. Јас тоа го искористив како вовед на книгата „Растиме да порасниме“. Таа, меѓу другото, пишува дека возрасните треба многу повеќе да ги слушаат, да другаруваат, па и да учат од децата. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам и на учениците од Кочани и од селото Оризари за убавите илустрации, кои ги красат страниците на моите две книги – вели писателот Васил Мукаетов.

Според него, неговите средби со учениците и разговорите со нив и со нивните наставници и педагози, за него се најточна слика за тоа што се случува со неговите творби кога се во контакт со децата.
– Би ја истакнал соработката со ОУ „Кочо Рацин“ во Скопје, ОУ „Ристо Крле“ во селото Кадино, со учениците од училиштата „Коле Ангелковски“, „Ј.А.Коменски“, и многу други низ републиката. Од тие разгори со децата добивам идеи за нови песни. Секако, моја постојана инспирација се и моите внуци – вели Мукаетов.
Меѓу децата што го инспирирале се и младиот гајдаџија Филип Атанаскоски од селото Кадино, Скопско и малиот планинар Ване Бошев од Неготино, за кои напиша и песни што се објавени во новите изданија.

– Васил Мукаетов е автор што современото дете го гледа со вистински очи, како рамноправен соговорник и низ стих ги пренесува неговите чувства. Основната карактеристика на неговата поезија е непосредноста што низ метафорите ја воспоставува со своите читатели – децата, благиот хумор и шармантноста на лексичкиот (поетски) јазик, толку потребен за сегашните деца – пишува Мишо Китаноски во својата рецензија за книгата „Сѐ е игротека“.

Илустрациите, на книгата „Сѐ е игротека“ се на карикатуристот Драган Поповски, а страниците на „Растиме да порасниме“ ги разубави Марија Трпевска.
Издавач е издателството „Китано“, заедно со Градската библиотека – Кавадарци и неколку познати фирми, кои го помогнаа издавањето на овие четива за деца.
Две нови книги од овој плоден автор веќе се во печатница. 


Другарство

Со другарот секогаш
нешто убаво ќе ти се случи.
И кога си играш
и заедно кога учиш.
Со другарите раскажуваш смешки,
помагаат кога решаваш
задачи потешки.
И дома
кога се враќаме,
другарски се поздравуваме
и се испраќаме.
И утре, пак шегување.
И никој не се лути.
Другарството шета
низ училишните клупи.

(Од книгата „Сѐ е игротека“)