Васил Мукаетов

Во литературното катче „Од згода до згода, заграб бистра вода“, објавуваме песни на познатиот македонски писател Васил Мукаетов, од книгата „Поглед со двоглед“, инспирирани од творештвото на големиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков.

„Зрнце по зрне
– погача.
Капка по капка
– море.
Умниот Марко
собирал
сѐ што народот
премудро зборел.
Бисер до бисер,
течно
За да ни остане вечно!“
Ете, вака, со стихови, Мукаетов ни објаснува зошто ја напишал оваа негова книга.
– Во богатото творештво на Цепенков има приказни, умнозборки, пословици и поговорки. Некои од оние што се однесуваат на децата ги ставив во песни. И пак со желба – за поука и радост. И самиот Цепенков напишал: „Кога ќе и препееф пословиците, голема радос и лезет усетуеф“ – додава Мукаетов.


Децата растат

Растат децата,
педа по педа.
Само што тоа, не се гледа!

Децата растат
и кога јадат супа.
Сигурно би видел,
да имаш лупа!

Не сме откриле
никаква загатка.
Децата растат
во сончева прегратка!

И под чадори
кога се враќаат.
И во самопослуги
кога ги праќаат.

Како и да се земе.
Децата растат
точно и навреме!

Сето кажано
во песнава е доста.
Вистината е прекрасна и проста:
„Растат децата
како лубеници во бостан“.

Песната „Децата растат“ е инспирирана
од поговорката запишана и зачувана од
Марко Цепенков, која гласи „Растат децата како лубеници во бостан“!