Деновиве излегоа од печат две книги за деца и млади од Шен Шиси, еден од најпознатите современи писатели за деца во Кина: „Мајката Чакал Скарфејс“ (роман) и „Лисицата трговец“ (раскази), во издание на „Македоника литера“ од Скопје.
Неколку дела на Шен Шиси се сметаат за ремек-дела во современата кинеска литература за деца и млади, меѓу кои се и овие две книги. Романот „Мајката чакал Скарфејс“ од англиски јазик го преведе Славчо Пеев, а збирката раскази „Лисицата трговец“ Влатко Стојковски, исто така од англиски јазик.
Шен Шиси (1952) во кинеската литература е познат како кралот на приказните за животни и е најпродаван автор за деца во Кина. Пишува за хуманите односи меѓу животните и луѓето и за хармоничната врска меѓу човекот и природата. Тој е повеќекратен добитник на највисоките награди за литература за деца во Кина. За романот „Мајката чакал Скарфејс“ ја доби тринаесетта во низа награда „Кинеска книга“. Неговите дела се преведени на повеќе јазици. Живее во Шангај, Кина.
„Мајката чакал Скарфејс“ е роман за суштинската поврзаност меѓу најнеoчекуваните сојузници – чакалите и луѓето, како и за врските што се испреплетуваaт меѓу нив. Скарфејс и нејзината глутница златогрби чакали живеат тежок живот. Омразени и несфатени, постојано се прикриени, подалеку од очите на луѓето.
Чампа, селскиот ловец, ги грабнува младенчињата на чакалите заради одмазда, со намера да ги искористи за да ја намами и да ја сотре целата глутница. И покрај користа што ја имаат од Скарфејс и од нејзината глутница, селаните сакаат чакалите да си заминат засекогаш. Но набргу по заминувањето на глутницата, селаните ќе сфатат дека животот без чакалите не е рајот што некогаш си го замислувале. Зошто?
Збирката „Лисицата трговец“ е составена од седум раскази во кои се прикажани диви, но и домашни животни. Самиот наратив е напишан во лесно читлива форма и содржи многу информации за однесувањето на животните и нивната емоционална интелигенција; во него се прави паралела меѓу однесувањето на луѓето и животните и се отвораат морални и еколошки прашања, прашања за потребната одговорност и меѓусебното помагање.
Во книгата се прикажани различни карактери на различни животни. Тие имаат и различни чувства; и чувства за љубов и чувства за грижа и одговорност. Нивните карактери и меѓусебни односи се одраз на човековите карактери и односи. Во ова книга има сурови, но и топли и трогателни приказни.
Во предговорот на кинескиот издавач на изданието на кинески јазик за книгата е напишано: „Животните што се прикажани во оваа емотивна збирка имаат длабоки емоции. Не само што ја разбираат љубовта туку имаат и необјасниво чувство за одговорност и се способни таа одговорност да ја понесат на своите раменици.
Како и во животот, застапени се и оние што поседуваат многу полоши карактеристики.
Тука се и оние што се користољубиви, измамници, арогантни и злобни, дури и во царството на животните. Без разлика за кои видови станува збор, овие животни и нивните приказни нè потсетуваат на човештвото како целина и ни овозможуваат да се преиспитаме за тоа какви се нашите ставови и нашето однесување спрема животните и природата.“
Овие две книги се први дела на Шен Шиси преведени на македонски јазик. Инаку, во текот на оваа година, од истиот автор, „Македоника литера“ ќе објави уште пет тома избрани раскази со тема за животните.