Антологиски избор од десет кинески книги за деца и за млади, како прв дел од едицијата „Најдобрата кинеска литература за деца“, објавија деновиве друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје и издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг. Овој нивен копродукциски проект е подготвен од заедничкиот редакциски оддел за издавање кинески книги во Македонија, а за наредниот период се предвидени нови изданија, но и проширување на едицијата.
Во книгите се вклучени најдобрите дела на авторите, избрани од самите нив, а станува збор за бајки, басни, раскази или новели. Како прилог, во книгите се објавени и текстови на авторите, кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво. Првите десет објавени наслови се: „Тајната на слатките јагоди“ од Танг Сулан, „Мирисливата птица“ од Ѓин Бо, „Легенда за мечето Панда“ од Сун Јоуѓун, „Магичниот папагал“ од Ге Бинг, „Персискиот мачор Пек“ од Гао Хонгбо, „Малиот ној рицар“ од Лиу Сианпинг, „Божјиот фенер на морето“ од Донг Хонгјоу, „Приказни големи колку дланка“ од Џанг Ќуишенг, „Братучед ми доаѓа“ од Ќин Венѓун и „Вкусот на сонцето“ од Џанг Џилу.