Нона Белева (12)

Сите букви, и според графиката и според текстовите, за нив беа посебна инспирација и креативна борба за дванаесетгодишната Нона, вели писателката Симовска

„Секоја буква создава свое име, прави запис на своето постоење. Секоја буква постои поради својата приказна. Ликот на секоја буква е радосен израз на нејзиното постоење… Сите сме добредојдени во царството на буквите“, вели писателката за деца и возрасни Вера Симовска во својата книга „Светлосна азбука“, која е објавена пред неколку години, но летоска доби ново руво.
Дванаесетгодишната Нона Белева, еден убав јунски ден, одлучи да соработува со писателката на книгата Вера Симовска. Тоа се реализира посредно преку мајката на Нона, која ги дозна упатствата што писателката ги побара пред да почне изработката на цртежите. Нона претходно ја имаше прочитано книгата и со многу љубов веднаш се даде на креативна работа. Писателката Симовска, пак, од своја страна ѝ даде на Нона голема слобода во творењето.

И така целото лето што Нона го помина на село беше исполнето со цртање и обмислување на цртежите, според барањето на текстот, за секоја буква поединечно. Родителите ѝ помагаа на Нона кога таа немаше конкретна идеја за некоја буква, но најголемиот број цртежи се нејзина оригинална замисла и креација. Сите заедно, Нона и нејзиното семејство, цело лето уживаа пловејќи во креативните води што се излеваат од ова мало книвче за азбуката. Книвчето е мало, но како да не се дочитува и треба да се препрочитува. Меѓу создавањето на цртежите за буквите, течеше животот.

– Буквите сами по себе и творечкиот однос кон нив нѐ водат во еден светол свет, оти тие се изродени од светлината. На Нона и нејзиното семејство целата оваа работа им помогна да живеат еден поубав живот и да имаат верба во него. Буквите ни се голем дар од нашите великани, светите Кирил и Методиј, и нивните ученици, светите Климент и Наум. Сите букви, и според графиката и според текстовите, за нив беа посебна инспирација и креативна борба за Нона, при што некои беа полесни за изработка, а некои малку потешки. Секој ден по една буква, или наеднаш по три, а понекогаш мирувавме од работата. Нона исто така еден ден би сакала да стане писателка и сака да научи убаво да пее и уште поубаво да црта. Букви што најмногу ги засака при цртањето и се З, Љ и Џ – ни рече писателката Вера Симовска.


Буквата З – Зазори зоро, зборовно оро

Зборот збори – оро се ори!
Замислете голем број дечиња, како на широка полјана во круг се фатени за раце. Се веселат, пискаат, се смеат, се вртат со силен занес… им се причинува дека можат да полетаат.
Тоа, оро се вие.
Сонцето од рани зори ги следи. Ги гледа и како во својот лик да се огледува.
Орото го играат и возрасните.
Гледајќи го својот лик на Земјата, Сонцето знае дека неговиот пат низ космосот стигнал на право место. Преку заорената игра тоа пишува зборови на Земјата. Со милост ги посматра и децата и возрасните…
Орото нека се вие. Зборовите нека ечат, децата нека пеат, буквите нека ѕвечат!
Буквата „З“ е зракот и зарекот на нашата вистина.
Буквата „З“ е нашата Зора!
Буквата „З“ е зборот на Сонцето!
Буквата „З“ е зборот на Светлината!
Буквата „З“ е збор откинат од Зборот!

Вера Симовска