Во галеријата на домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, минатата среда, членовите на ликовното студио „Арс вивенди“ ја одржаа својата 14-та завршна изложба. Според зборовите на нивниот ментор, академскиот сликар и ликовен педагог, Тони Шулајковски, годинава младите таленти насликале дела со различни мотиви, изработени во разни техники.
– Годинава изложуваат 42 ученика, а 16 првпат се присутни на изложбата. Можеме да видиме нови дела, нови техники: масло на платно, акрилик на платно, акварел, туш, молив, сув пастел, а оваа година има и дигитална графика. Навистина се чувствува една нова, свежа креативна енергија во студиото. И в година ќе продолжиме со нови експериментални техники – рече Тони Шулајковски.
Интересно е дека делото „Дремката на облакот“ од Нена Бислимоски ќе биде отпечатено како корица на истоимената хаику-збирка, напишана од нејзината сестра Софија Бислимоски, која ќе биде промовирана утре во книжарницата „Литература.мк“ во центарот на Скопје.
Членовите на студиото од генерацијата 2018/2019 година, добија дипломи за своите активности и залагања во изминатиот период.