И овој пат слушнавме убави, едукативни и забавни песни за здравата исхрана, книгите, првите љубови, но и за волкот лош, за Колумбо и малиот диригент, за семејството… Децата пејачи на сцената ги придружуваше хорот „Златно славејче“, со кој раководи Катерина Баталакова
Над седум илјади деца изминатите денови ги слушнаа новите 12 песнички, со кои се поднови фондот на детски рефрени, дел од репертоарот на најстариот фестивал за најмладите кај нас „Златно славејче“, кој годинава се одржа по 48. пат.
Овој пат претставите се случуваа во Македонската филхармонија, од 16 до 19 ноември и за разлика од оние во претходните години траеја многу пократко, неполн час. Веројатно организаторите се раководеле од тоа дека детето со целосно внимание може да проследи некој настан што трае токму шеесетина минути. Годинава имаше и помалку песнички, помалку гости од странство, само двајца, а исто така немаше ниту гости од познатите пејачи, кои традиционално досега ги слушавме на фестивалот. Изостана и поздравот на градоначалникот на Скопје, или на главниот покровител, бидејќи нели славејчињата секоја година фестивалот му го посветуваат на своето сакано Скопје. И овој пат, како и сите изминати години, фестивалот почна со „Градот убав“, а традиционално заврши со песната, која стана заштитен знак на фестивалот, „За сите деца“.
Водителот Марко Новески беше весел и сакаше да ги расположи децата, но изостана комуникацијата со учесниците.
Очигледно годинава тимот сакајќи со промената на локацијата да донесе и промена на изгледот на фестивалот, поголемо внимание посветил на визуелните ефекти, што многу инвентивно и во духот на новото време ги изработи „3Д-проект студио“, а режијата на настанот му беше доверена на Златко Славенски.
И овој пат слушнавме убави, едукативни и забавни песни за здравата исхрана, книгите, првите љубови, но и за волкот лош, за Колумбо и малиот диригент,
за семејството… Децата пејачи на сцената ги придружуваше хорот „Златно славејче“, со кој раководи Катерина Баталакова, а за продукцијата беше задолжен маестро Александар Џамбазов, кој е дел од оваа детска манифестација од нејзиниот почеток.
На фестивалот можеше да се купи и цеде со новите песнички, снимено во студиото „Ентерпрајз“ на Валентино Скендеровски.
Песните што ги пееја славејчињата ги напишаа Андријана Јаневска, Александар Митевски, Ристо Самарџиев, Владимир Дојчиновски, Весна Валенте, Тања Веда, Розе Дулевска, Александар Китевски, Слободанка Ничевска, Александар Јовевски, Кристијан Лукаров, Емилија и Марјан Атанасовски…
Весело и разиграно пееја: Марија Симоновиќ, Катја Димова, Кристијан Ивановски, Катерина Пислевиќ, Мишел Матиќ и Матеа Самарџиска, Изабела Пренковска, Мила Јаќоска, Мила Алулоска, марија Јанчевска, Софија Настоска и Ева Ристова. Ги слушнавме и гостите, Дијана од фестивалот за деца на албански јазик „Илбери“ и Виктор од Србија, кои ги освоија симпатиите на публиката.
Организатор на оваа традиционална манифестација е Советот за грижи и воспитување на градот Скопје, а шармантниот водител на фестивалот, популарниот Марко Новески, во оваа улога беше и во 2006 и 2007 година.