Драги деца, со својот џагор и смеа повторно ги наполнивте училиштата, желни да научите нови знаења и вештини, но пред сѐ како да станете подобри луѓе, кои смело ќе чекорат низ животот. Не заборавајте, другарството е неизбежен дел од секое детство, па затоа другарувајте со врсниците, делете ги со нив ужинките, гумичките и тајните и заедно трудете се да ги допрете ѕвездите. И не лутете им се на возрасните, кои понекогаш ќе ве збунат со своите одлуки, постапки, решенија, и имајте на ум дека понекогаш не им е лесно да ја донесат вистинската одлука, но не заборавајте дека и тие некогаш биле деца, кои сонувале да го сменат светот! Затоа, напред во освојување нови знаења, бидејќи токму знаењето ќе биде вашето најсилно оружје во иднина и ќе ви помогне да ги остварите сите свои соништа.

Вашиот верен пријател „Колибри“ ви посакува среќен почеток на учебната година!

Моливчето го боли срце

Тања ете не сака задачи да спрема,
кога надвор денов сончев се бели.
Ученичката чанта ја зема
па мисли, мисли и вака смисли:

– тетратке, тетратке напиши се.
Тетратката се мурти и ќути.
Лекцијо, лекцијо научи сѐ…
Лекцијата е гневна, се лути.

Моливче, моливче напиши се…
Тања моливчето го моли.
Не може да работи денес Тања –
моливчето срце го боли.

Книго, книго прочитај се….
Книгата достоинствено плачи.
Тања денес не ја сака,
а таа сама не може да се мачи.

А учителката има една мана
во дневникот единици става.
И до крајот на учебната година останува
единица, дебела, права.

Евгенија Шуплинова

Копнеж

Не научив јас без мака
што е лево, што е десно,
и не беше многу брзо,
ниту брзо, ниту лесно
да засакам знаци сјајни,
книги мили, многу тајни…

Една желба и ме сили,
и ме храбри и ме крили!
Златно кајче плови, броди
само напред да ме води.

Не научив јас без мака
да се вивнам и да стигнам
кај ме носи желба скришна:
да препливам брзи реки,
да прелетам гора вишна,
да надлетам птици леки…

Перо Миленкоски
На првиот час

Небото беше сончево, бело,
утрото чисто, празнично чинам,
мајка ми гранка од дренот скина,
го смете дворот, испрска вода,
кога првпат во школо одев.

И потем нежно ме бакна в чело,
од радост почна солзи да рони:
– Ај среќно, сине, на прв час оди,
школското ѕвонче, за тебе ѕвони.

Од тоа ѕвонче, до овој час,
минаа лета, пораснав јас.
Но тоа ѕвонче, често ми ѕвони,
бисери бели, в душа ми рони.

Наум Попески

Првиот училиштен ден

Другари од времето старо,
еден Марко и еден Влатко,
– ене ги на тротоарот,
си се смеат гласно, слатко!

– прваче сум јас од есен –
со право се фали Ристо.
– не прави се многу лесен,
глеј, пораснав и јас исто!

– Гледај каков ранец имам,
тука сѐ е ново, чисто,
честитки од секој примам!
И јас исто, и јас исто!

Збогум детски игри наши,
смеалици, лутеници,
не сме веќе деца мали,
отсега сме ученици!

Томе Арсовски

 

Се учат првите букви

Напред по линиите
широки и тесни.
Моливчето – лево-десно,
работите не се лесни.

Малку ќе се испоти
и десната рака.

Рекле:
– Немало наука без мака.

Другарчето намигнува,
насмевката стигнува.

Од наставничката
порака прекрасна:
– Од утре ќе пишуваш,
работна домашна!

Васил Мукаетов