Публикувањето на творбите на младите литерати соработници, со неделниот весник „Народна задруга“, во книга, покажа дека се исплател влогот во младите автори

Во средината на далечната 1959 година, пред точно 60 години, излезе од печат книгата со наслов „Село распеано“, во која се застапени творби на триесетина ученици од повеќе основни училишта во Македонија. Всушност, тоа е прв ваков избор на песни од ученици, објавен кај нас во прилогот на некогашниот неделен весник за село „Народна задруга“. Во тие 1960-ти години вакви рубрики за објавување литературни творби на ученици (песни, раскази, ребуси, цртежи, лавиринти, плетенки, крстозбори…) имаше најпрво во додатокот „Колибри“ во весникот „Нова Македонија“, а потоа во некогашните „Вечерен репортер“, „Народно здравје“, весникот „Народна просвета за деца“ и други.

Но само во неделниот весник „Народна задруга“, благодарејќи на тогаш агилната, млада уредничка, која подоцна стана истакната македонска писателка Драгица Најчевска, се реализира издавањето посебна книга – „Зборник на литературни творби објавени во подлистокот – прилог на неделниот весник ’Народна задруга‘“. Иако повеќето од песните беа „наменски“, зашто во нив се пееше за процутот и развојот на нашите села, сепак, искажаниот талент на авторите ученици, не само што се најавуваше туку и се афирмираше и во другите тогашни весници и списанија наменети за деца.

Книгата „Село распеано“ беше печатена во 3.000 примероци и наиде на широка поддршка кај читателите и кај новите соработници.
– Тоа беше време кога нашите селски училишта беа преполни со распеани ученици, а нашиот подлисток наменет за најмладите читатели, широко ги прифати сите што пишуваат и им овозможи да се пројават и афирмираат со своите творби – вели уредничката Драгица Најческа.
Таа дополни дека речиси немало село во кое немало ученици што пишуваат, а најквалитетните творби се објавувале.

– Добивавме толку многу песни, што премалку беа четирите страници од прилогот за деца, за да ги објавиме сите квалитетни литературни и творби. Точно поради тоа, за да ги стимулираме младите соработници ја подготвив и уредив збирката песни „Село распеано“, која наиде на прекрасен прием, а изданието веднаш беше разграбено – се сеќава Најческа со задоволство.
Навраќајќи се на тоа време, писателот за деца Мишо Китаноски ги изнесува своите впечатоци.
– Ние младите автори бевме пресреќни доколку ни се објавеше песна. И во другите весници имаше вакви прилози, па така во ревијата „Народно здравје“ се објавуваа поетски творби за хигиената, за борбата против суеверието, додека, пак, во „Народна просвета“, песни за развојот на културата… Најдалеку на овој план одеше весникот „Нова Македонија“ со прологот за деца „Колибри“, а објавените творби беа со општи теми – вели Китаноски.

Збирката песни „Село распеано“ почнува со песната „Зар не е“ на Васил Куновски, а продолжува со творбите за деца на: Чедо Јакимовски од Кратово (кој е застапен со три песни), со колку што е застапен и Бошко Смаќоски, ученик од Модрич, додека Наум Тодоровски од Лазарополе, Гоче Николовски од селото Војшанци, Трајан Ристески (подоцна се потпишува Петровски) од Охрид, Џевад Нурединовски од селото Жировница, Васил Мукаетов од Кавадарци, Спиро Николовски од Струмица, Јован Негриевски од Струга, Миле Матески од Битуше, Милутин Бебековски, како и Мишо Китаноски, Климе Попоски и Анастас Ќушкоски од Вевчани, Мијалчо Ѓорѓиев од селото Блатец, Бојко Киранџиски од Кучевиште, Јордан Добрески и Рајко Јовчевски од селото Модрич, Сотир Ивановски од селото Опеница, Петко Домазетоски од селото Јабланица, Агим Назири од селото Ростуша, Бошко Нацевски од селото Богомила, Кире Вучевски од селото Дубровница, Ненад Џамбазов и Петко Петковски од Скопје и Игнат Петрушевски од селото Мородвис, се застапени со по две објавени песни. А секоја творба во збирката, посебно е илустрирана.

– Појавата на збирката песни „Село распеано“ со творби од ученици, покажа и докажа дека многумина од нив подоцна станаа познати македонски писатели за деца и возрасни, кои ја збогатија македонската литература со многу книги. Некои од нив станаа познати новинари, како и универзитетски професори и научници – истакнува Мишо Китаноски, еден од застапените со две песни во книгата „Село распеано“.
Многу од тогаш објавените песни, не само во подлистокот „Народна задруга“ туку пред сѐ во „Колибри“ на „Нова Македонија“, беа застапени/печатени во тогашните буквари и читанки за сите одделенија, како на пример творбите на Бошко Смаќоски, Чедо Јакимовски, Рајко Јовчески, Јордан Добрески и други.

Ова потсетување на збирката објавена пред 60 години, наскоро ќе биде одбележано и со средба и свеченост на застапените автори, некогашни ученици, на која тие ќе ги читаат своите творби, а ќе биде претставена и збирката „Село распеано“, која веќе не е зачувана ниту во нашите библиотеки, па поради тоа има вистинска раритетна вредност.

„Колибри“


Есен

Листот жолт се рони,
дождец врне пресен,
ветрот магли гони,
дојде, дојде есен.

Штркот на југ оди,
спрема крила меки,
течат матни води,
низ брзите реки.

Во родното поле
угар орач ора…
ѕверките в глад голем
скитаат низ гора.

На планина горе
и снежец се бели…
лета само орел,
кине крици смели.

Бошко Смаќоски