OД МОЈ АГОЛ: ДЕНИС БОЈАРОВ, ПИСАТЕЛ

Пред три седмици, во издание на „Антолог“, излезе првата книга на Денис Бојаров, насловена „Нека играат децата“, која е посветена на родителите, на семејството, но и на човекот воопшто

Домот е дете, домот е игралиште. Каде ти е детето, таму ти е домот. Погледни внимателно. Тоа дете, можеби, си ти.

Сигурно знаете дека сите деца се исти кога си играат. Но ние не сме. Ние сме едни големи полнолетни и разумни деца заробени во тела на возрасни луѓе. Растењето и созревањето се сосема природен процес, така што убаво е да се биде разумен и зрел човек, но убаво е да се биде и едно гооооолемо палаво дете. Да останеме големи и наголемо да се фатиме во играта со децата… Затоа што ако го чуваме детето во себе, ќе ги чуваме и сите деца околу нас.

Играта е радост, играта е среќа. Сите среќни семејства си прилегаат едни на други, вели големиот Лав Толстој. Тоа е точно, затоа што татковината на еден човек е неговото детство. Многу е тешко човек да биде среќен ако никогаш немал среќно детство.

Дете ли си? – играј со децата. Родител ли си? – играј си со децата. Дедо или баба си? Тетка, вујна, чичко…? – играј си со децата. Што и да си, нека играат децата, заедно со тебе.

Децата ги имитираат возрасните, така што ако вие читате книга, големи се шансите и вашето дете да чита книги. А, можеби, и заедно со вас. Ако ги поздравувате децата, и тие ќе ве отпоздравуваат. Ако играте со децата, и тие ќе сакаат да играат со вас. Но ако си играте со децата, еден ден и тие ќе си играат со вас. Внимателно играјте со децата. Играјте убаво, искрено и чесно… еден ден и тие ќе ви вратат со иста мера. Играјте често со вашите деца, играјте преку два дена, за да можете еден ден да си играте со вашите внуци секој ден. Дајте го најдоброто од себе и еден ден вашите деца ќе речат: Сите родители се исти, освен моите. Моите се најдобри.