Драги деца, бидејќи знам дека сте вредни, љубопитни и оти веќе сте ги прочитале задолжителните лектири, ви предлагам две книги, како незадолжителни но интересни четива што можете да ги прочитате ова лето. Тоа се „Арно ама…“ од Калина Малеска и „Збунки“ од Ана Цветаноска, со кои, сигурен сум, ќе поминете убави креативни часови. Со желба читањето не само да ви прејде во навика туку и да ве поттикне и самите да пишувате, ви испраќам грст августовски топли поздрави! Ваш Филип Димкоски
„Aрно ама“ од Калина Малеска
„Aрно ама“ од Калина Малеска е книга за деца во која станува збор за две братчиња, Дамјан и Марко, и нивните другарчиња од населбата во која живеат. Настаните во книгата се одвиваат за период од околу година и пол, така што „Aрно ама“ може да се чита и како роман и како збирка раскази, бидејќи секој расказ е истовремено и завршена целина. Но тие се и поврзани со истите ликови и со заеднички теми.
Расказите почнуваат со некоја ситуација, која потоа оди во непредвиден правец, а се воведува со зборовите „арно ама“ – при што почнува заплетот. Како резултат на некои неочекувани околности, работите се усложнуваат, по што ликовите се обидуваат да најдат начини за да ги решат проблемите што се појавиле. Особено впечатливи се буквите „арно ама“ што Владимир Лукаш ги нацрта и обои на толку различни начини колку што пати се појавуваат во книгата, така што младите читатели се љубопитни да го видат следното „арно ама“. Книгата ја прават визуелно интересна и сите други илустрации, кои ги заживуваат суштествата и предметите од расказите, бидејќи се нацртани со многу фантазија и многу бои.
„Збунки“ од Ана Цветаноска
Збирката од кратки пиеси за деца насловена „Збунки “ се состои од вкупно 12 пиеси. Авторот низ хумористичен тон создава современи пиеси за деца во кои се прикажани секојдневните згоди и незгоди на денешните луѓе. Секоја од пиесите е реалистична слика и сцена од детството на секое дете. Драмските ситуации ги опфаќаат сцените од посетата на стоматолог; на средбата за родители во училиштето; ситуации од домашната семејна атмосфера; образовниот процес на секое дете; играта со облаците од фантазии; разговорите со животните и градинарските култури итн. Авторот создава ликови на животни и растенија во кои низ нивниот глас се истакнати некои негативни човечки особини или душевни состојби и се учат здравите животни навики.