Детскиот музички фестивал „Мелодија“, кој во саботата се одржа во големата сала од Центарот за култура во Кичево, во целост го оправда своето постоење и сите што беа присутни во салата презадоволни го напуштија овој храм на културата во градот.
На сцената продефилираа 16 млади солисти, а добро осмислената сценографија ги збогати сите настапи и создаде впечаток како овој фестивал да се случува во некој традиционален музички центар со поголемо искуство за ваков вид организација.
– Сите што беа вклучени во организацијата на првиот детски музички фестивал „Мелодија“ се презадоволни од она што се случуваше на сцената. Подолг период интензивно се подготвувавме со сите над 100 учесници на фестивалот: од балетските играчи, придружните вокали, водителите, до децата што ги изведоа песните. Одлучивме да не прогласуваме најдобри и сметаме дека на овој начин сите учесници ги стимулиравме да продолжат да пеат и музички да се надградуваат. Бидејќи фестивалот беше од ревијален карактер, сите деца беа победници, за што добија по една маичка, цеде со фестивалските песнички и пофалница – ни рече Кристина Цветаноска, која беше вклучена во организацијата на фестивалот.
Таа исто така е авторка на две од изведените песни.
И публиката што ја наполни салата на центарот за култура, задоволна си замина дома со надеж дека овој фестивал ќе стане традиционален.
– Според својата содржина и организација, првиот музички фестивал „Мелодија“ беше организиран на највисоко ниво. Единствено ми недостигаше малку повеќе хумор, со што и атмосферата меѓу учесниците и во салата ќе беше уште подобра – вели Марјан Тренески, посетител на првиот детски фестивал „Мелодија“.
Најмногубројните посетители, децата, со големо внимание и насмевки на лицата ја следеа програмата.
– Проследивме одлични интерпретации на Михаела Лазареска, Симона Папазоска, Миа Атанасовска, Даниела Волчевска и другите учесници, кои пееја за: другарството, за најмилата мајка, првите симпатии, родителите, за претстојната Нова година и за сѐ што ги преокупира децата во животот – вели малата Сара, која со своите најблиски уживаше слушајќи ги новите песнички.
И луѓето од музичката фела на кои им е блиска оваа дејност имаа само пофални зборови за штотуку одржаниот фестивал во Кичево.
– Вечерва имавме можност да проследиме интересна програма, која ги задоволи нашите вкусови и очекувања, што е голем плус за збогатувањето на културно-забавниот живот на градот, но и можност повеќе за забава на дечињата учесници и гледачи. Очекувам наредните години организаторите побогати за годинашното искуство, да организираат уште поуспешни фестивалски вечери – ни рече Горан Делески, професор по музика од Кичево.
Поради големиот интерес на граѓаните, некои од нив останаа во холот на центарот и целокупната програма да ја проследија простум. Можеби спортската сала „Јанчица“, в година, би била соодветно решение за овој проблем, поради далеку поголемиот капацитет. Инаку, за фестивалот беше издадено и ново цеде со сите композиции што беа изведени, кое можеа да го набават и посетителите на фестивалот.
– Проследивме одлични интерпретации на Михаела Лазареска, Симона Папазоска, Миа Атанасовска, Даниела Волчевска и другите, кои пееја за лажни другари, за најдрагата мајка, симпатијата, родителите, новата година и за сѐ што ги преокупира во животот – вели малата Сара, која со своите најблиски беше присутна во салата.