Катче за родителите
Пред неколку години хит беа технолошките или паметни играчки, едукативни и забавни, со екрани и моторни и напредни функции. И денес таквите играчки се во мода, но педијатрите советуваат да не им се купуваат на децата до пет години.
Д-р Алан Менделсон, коавтор на извештајот на врвни американски педијатри за изборот на играчките за деца помлади од пет години, советува на момчињата и на девојчињата на оваа возраст да им се купуваат едноставни, старомодни играчки како коцки, сложувалки, карти и сликовници. Менделсон дури оди дотаму што вели дека обична бела кутија е подобар подарок од високотехнолошките играчки, бидејќи детето на неа може да црта, да лепи, да ја претвори во куќичка, во вселенска ракета, во засолниште… Таквите играчки се здрави и поттикнувачки.
Овој извештај деновиве го објави Американската академија на педијатрите, која повторно предупредува дека студиите покажуваат оти прекумерното користење на електронските уреди и на медиумите лошо влијае на развојот на говорот, на фокусот и на концентрацијата. Исто така, користењето на овие технолошки играчки ги намалува квалитетното време и поврзувањето на релацијата дете – родител и промовира пасивен, седечки стил на живот, а тоа, пак, долгорочно доведува до многу хронични болести кај децата како: прекумерна тежина, дијабетес, проблеми со притисокот и слично.
Поради сево ова, заедно со своите деца вратете им се на старите добри дрвени коцки, кукли и боички.