Деветгодишната Исидора Паровиќ од Прилеп отсекогаш посакувала да запее на голема сцена, а оваа желба ѝ се оствари неодамна, кога настапи на интернационалниот детски фестивал „Ѕвездички 2020“. Ја изведе песната „Очи сини“, на музика и аранжман на Борче Шабаноски и текст на Душко Темелкоски.
Ова ѝ беше прв официјален настап на Исидора, иако веќе две години ја следи оваа музичка манифестација. Има голем љубов кон музиката и заедно со нејзината мајка е честа посетителка на културно-забавните настани во Прилеп. Честа гостинка е и на „Златно славејче“, а нејзина желба и сон е да настапи на овој престижен фестивал.
– Искуството што го стекнав на сцената годинава е многу убаво. Исто така одлично беше дружењето со другите учесници што настапија на фестивалот. Се запознав со другарчиња од Хрватска, Црна Гора и од Албанија. По завршувањето на фестивалот имавме прошетка до Крушево и ја посетивме спомен-куќата на Тоше Проески, што за нас беше незаборавно доживување – ни рече Исидора.

Таа е одлична ученичка во 4-1 одделение во ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп. Ова активно девојче налето посетува пливачка школа, во зима скија, шета по планините, посетува курс за учење англиски јазик, а пред корона-кризата посетуваше и часови по модерни танци.
Има и многу други интереси, но сепак пеењето ѝ е најголемата желба. Од мала, омилена играчка ѝ е микрофонот, а обожава да ги пее песните на Тоше Проески, Каролина Гочева, Александра Јанева, Тамара Тодевска, Мила Москов, Дарија Врачевиќ… Радосна е кога ги развеселува членовите на семејството со нејзиното пеење.
Исидора ни откри дека кога ќе порасне сака да биде пејачка или модна дизајнерка.