Вчера во родното село Вевчани, во 12 часот, во Клубот на пензионерите, на самиот роденден, познатиот македонски писател за деца ја промовираше својата 20-та книга за најмладите, насловена „Дувни, дувни ветренце“.
Љубителите на пишаниот збор од Вевчани ја проследија промоцијата на која се читаа стихови и проза од творештвото на Попески, кој честопати е инспириран и од родниот крај, од каде што по завршувањето на основното образование заминува за Струга, каде што се запишува во гимназија. Потоа се запишува на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата македонски јазик и книжевност. Во 1971 година е примен во редакцијата „Нова Македонија“, каде што го мина целиот работен век како новинар, а извесен период беше и уредник на додатокот за најмладите читатели „Колибри“.
Со името на Наум Попески децата се сретнуваат и во читанките по македонски јазик за основно образование. Овој истакнат македонски автор е застапен и во неколку антологии на литературата за деца, преведуван е на повеќе европски јазици, а чест гостин е и на разни меѓународни фестивали на литературата за деца во регионот.
Автор е на повеќе книги, меѓу кои се поетските збирки: „Ајде да растеме“, „Детелинка со четири листа“, „Изворчиња – поточиња“, „Една грешка – мака тешка“… Автор е и на првиот „Бонтон за деца“, како и на книгите „Дневникот на Мартина“, „Спомени во слики“ и други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Ст.К.