Едно од најдрагоцените искуства при имплементацијата беше работата со дечињата од детската градинка „Втори септември“ и учениците од 1-5 одделение од ООУ“Гоце Делчев“ од Демир Хисар. Со нив учевме како да го компостираме органскиот отпад и да го искористиме за да засадиме семе од билки, вели Ирена Андреевска, претседателка на „Арт-поинт Гумно“
Со премиерна изведба на претставата за деца ,,Природа или отпад“, на 22 април, датумот кога во светот се слави Денот на планетата Земја, меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт-поинт Гумно“ од с. Слоештица официјално го заврши проектот: „Природата предупредува – активности на заедницата за заштита на биодиверзитетот“. Големиот број активности што се спроведуваа во изминатите осум месеци беа финансирани од Фондот за клима при Министерството за надворешни работи на Германија.
Фокус на проектот беше јакнење на свеста на населението за справувањето со различните видови отпад што ги предизвикуваат климатските промени и доведуваат до уништување на природата и нејзиниот биодиверзитет.
– Едно од најдрагоцените искуства при имплементацијата секако беше работата со најмладите – дечињата од детската градинка „Втори септември“ и учениците од 1-5 одделение од ООУ „Гоце Делчев“ од Демир Хисар. Со нив учевме како да го компостираме органскиот отпад и да го искористиме за да засадиме семе од билки што ќе ни ги облагородат училишните градини. Со претставата сакавме да ги наградиме овие деца и колективот што работи со нив, а наедно искрено се надеваме дека ќе регрутираме и нови активисти во борбата за зачувување на животната средина – истакна Ирена Андреевска, претседателка на „Арт-поинт Гумно“ и координаторка на проектот.
Претставата што се одржа во домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар ја следеа над 200 деца од општината.
Сценариото го напиша актерката Наташа Петровиќ, според текстот на едукативната боенка „Чудесниот свет на компостирањето“ (поделена како подарок за секое дете по претставата). Улогите ги толкуваа: Ненад Митевски (Детето Стефан), Наташа Петровиќ (Сојката) и Бојан Кирковски (Чичко Црвчо). Дизајнот и костимографијата се на Воскресија Андреевска.
Еколошки пораки на Сојка Итроманка
Здраво деца, здраво! Ја познавате ли оваа лика? Не?! Дури ни вака кога од убавина бликам? Јас сум Сојка итроманка. Низ Демир Хисар ме викаат пакосница, но верувајте ми воопшто не сум го заслужила тој прекар… Јас сум, деца, птица мала, за чиста природа сè би дала. Ме знаат сите како птицата
Сојка општопозната песнопојка. Живеев среќно во шума густа, но полека таа почна да станува пуста. Си реков бргу летај Сојке кај децата умни, да ги научиш како да се грижат за природата мила; Тие ќе му покажат после на светот што можеме со здружена сила. Ќе научиме како да селектираме, рециклираме и органскиот отпад бавно да го компостираме. Чиста средина ќе имаме без многу грижи и нервирање ако ме следите низ чудесниот свет на природното компостирање.
Никаде нема средина чиста, ниту пак река убава среброкапна и многу бистра.
Сакаме сите чиста околина, а сега светот личи на расфрлана депонија.
За средина чиста да имаме ние, потребни сте ни и сите вие.
Ајде сите здружено силите да ги споиме и светот со цвеќиња и зеленило да го обоиме. Заедно треба умно да компостираме, сиот отпад да го селектираме и сѐ што може да рециклираме. Ако се грижиме за природата така да биде чиста, ќе се капиме во река бистра. Ќе имаме градини плодни со здрави овошја и зеленчуци родни. Верувајте, нема да ви биде мака,таа со убавини бројни ќе нѐ дарува и насекаде среќа ќе царува. Плус, забавно е другарчиња, како низ игра лесна, онака како што звучи и оваа песна.
(извадок од претставата ,,Природа или отпад“)