Тринаесетгодишниот Марко Пејчиновски, кој пред две години за 9 часа го преплива Охридско Езеро, деновиве доби светска награда за хуманост.
Ова храбро момче по подвигот во 2018 година, лани имаше желба да го преплива цело Охридско Езеро, за да ја издигне свеста за лицата со ретки болести, но се откажа по препливани 12 километри, поради болки што се појавија како резултат на болеста, инфаркт на долните екстремитети, сепак успеа да ги долови секојдневната битка и предизвиците со кои се соочуваат лицата со ретки болести.
Младиот хуманист испрати силна порака, а нѐ мотивира и сите нас да се приклучиме кон неговата битка и, како што вели самиот Марко, никогаш да не се откажуваме.
Токму поради исклучителната сила на неговиот карактер, телевизијата Алфа одлучи да го номинира Марко Пејчиновски за светската награда за млад хуманист, а членовите на интернационалното жири едногласно одлучија ова признание да му биде доделено токму нему.
– Исклучителната сила на неговиот карактер, неговата моќ да ја сподели љубовта со сите што страдаат, беше основната причина на нашата определба да му го доделиме ова високо меѓународно признание. Неговата волја за победа над ретките болести и хендикепот на тие што се вклучени во битката за здравје, е исклучителна чест што треба да биде признаена во македонското општество и нашето интернационално жири се приклучува кон тој голем морален чин – се вели во образложението за наградата.
Доделувајќи му го ова признание, интернационалното жири на светската награда за млад хуманист го одбележува и со специјалната назнака дека Марко Пејчиновски е всушност интернационална млада надеж за 2020 година.