Во здраво тело здрав дух
На кавадаречките улици деновиве се слеваше река од велосипедисти во рамките на петтото издание на манифестацијата „Сите на велосипед“. Годинава, според организаторите, Сојузот за училиштен спорт, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и локалната самоуправа, имаше двојно повеќе велосипедисти во споредба со минатата година.
– Со вашето учество на ова дефиле сите вие давате убав пример во издигањето на свеста кај граѓаните за потребата од користење на велосипедот наместо автомобилот. Со вашата популаризација на велосипедот вие придонесувате за зачувување на животната средина и решавање на проблемот со паркирање во централното градско подрачје. Бидете упорни во вашата идеја велосипедот да се користи сѐ помасовно, со што ќе се подобри и безбедноста во сообраќајот- изјави претседателот на Советот за безбедност во сообраќајот, Љупчо Лазов.
Од манифестацијата учесниците упатија порака до надлежните во општината да планираат изградба на што повеќе велосипедски патеки во градот и надвор од него, со што ќе се создадат услови велосипедот сѐ почесто да се користи како превозно средство. На крајот на велосипедското дефиле на градскиот плоштад за сите учесници беше организирана наградна лотарија со вредни награди, а главната награда, се разбира, беше велосипед. Ми.М.