Нови книги
Интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ од авторката Александра Тодоровиќ е дело што е посветено на Скопје во периодот под османлиска власт. Илустратор е Марко Јанев, автор што има богато професионално портфолио, а живее во Виетнам. Издавач е „Арс ламина“.
Станува збор за роман авантура, базиран на концептот прашање и одговор, каде што самиот читател го одредува текот на настаните и дејството, преку избор на страницата што ќе се сврти. Првпат на нашиот пазар, ваквата иновативност е директно поврзана со податоците за градот и аспектите од неговото културно наследство: спомениците, настаните, начинот на облекување, храната, јазикот и друго.
Авторката Александра Тодоровиќ вели дека минала долго време во истражување на историското богатство на Скопје со цел соодветно да ја конципира книгата.
– „Мистериозниот град под калето“ е првата книга од серијалот книги за деца „Скопје од А до Ш“. Во неа се обработува османлискиот период на Скопје. Со овој период всушност ја почнувам авантурата за Скопје. За оној дел пред Османлиската Империја, за време на Византија, има многу малку податоци и затоа се одлучив да почнам од периодот на Скопје под османлиска власт. Серијалот е замислен така што секоја книга ќе обработува различни историски периоди на градот. Понатаму дејството би продолжило во втората книга за Скопје во време на Кралството СХС, постземјотресно Скопје и приказната би се заокружила со модерно Скопје – вели авторката, за која ова е трета книга, а веќе подготвува и нови изданија.