Танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности „Зодијак“, во партнерска соработка со училиштето за театар „Чин 4 сцена 5“, во неделата на сцената во центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп премиерно ја изведе претставата за деца и млади „Малата сирена“. Најмладите уживаа во исклучителната приказна за една голема и вистинска љубов, приказна за патот на растењето и созревањето, за тајните на морските длабочини и светот во нив.
– Голем предизвик ни беше адаптацијата на цртаниот филм „Малата сирена“ од продукцијата „Дизни“ за сценска изведба, не само од технички причини, туку и креативно. Се потрудивме да го пронајдеме вистинскиот начин да се долови извонредниот магичен и распеан лик на ракот Себастијан во изведба на легендарниот американски актер Семјуел Рајт. Наедно, ова е можност за збогатувањето на македонскиот фонд на адаптирани дела од светската драматургија дополнети со македонски песни, кои дополнително го збогатуваат овој вид музичко-сценско творештво – вели режисерот Кире Миладиноски.
Дејството се одвива во три слики: на површината од морето, на дното и на копното. Формулата на „Дизни“ е позната како и секогаш: малата и убава сирена Ариел има прекрасен глас и живее на дното од океанот, но има авантуристички дух и претпочита да истражува. Противејќи му се на својот татко кралот Трајтон и прекршувајќи ја забраната за посета на површината на водата, малата тинејџерка се заљубува во прекрасниот принц Ерик. Желбата да биде со него, да танцува и да прави сѐ што прават луѓето е преголема па го дава во залог својот прекрасен глас во замена за нозе кај морската вештерка Урсула. Љубовната приказна помеѓу Ариел и Ерик е проткаена со безброј случки, емоции и убави певливи песни на македонски јазик, од вообичаената Дизниева практика, убави разиграни кореографии и мизасценски решенија, колоритни костими, кои се уредно спакувани пополнувајќи ги сите дупчиња во една детска магична сложувалка.
Преводот на текстот е на Благојче Николоски, драматизацијата и адаптацијата, режијата, костимите, сценографијата, кореографијата и песните се на Кире Миладиноски, музиката е од Алан Менкен и Томе Темелкоски, дизајнот на рекламниот материјал е на Саша Нацевски. Во претставата играат: Марија Костоска, Лилјана Јованоска, Дамјан Трајкоски, Деспина Башеска, Ивана Стеваноска, Евгенија Кузманоска, Марија Стеваноска и Благојче Николоски. Продукцијата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија и од локалната самоуправа, а копродуцент-партнер е ЦК „Марко Цепенков“.