Осум зраци мајкини

1.
Со очите те погледнувам,
со твојата привлечна добрина.
Колку смирувачко делуваш
и желбите наши ги остваруваш.
2.
Мајко постоиш насекаде,
и зборот твој како река се слива во мене.
Потребна си ми ко сончева светлина
и тешките мигови ги претвораш во ведрина.
3.
Секое утро те прегрнувам,
и постојано си повторувам.
Да ме прегрнеш со срцето твое,
а јас безгрижно да сонувам за детството мое.

Осум желби мајкини

1.
Осум желби мајко имам,
цел живот со тебе да бидам.
Осум желби мајко имам
со тебе насмеан да бидам.
2.
Осум желби мајко имам,
во прегратки да ти заспивам.
Осум желби мајко имам
наутро со тебе да се будам.
3.
Осум желби мајко имам,
осум цвета да ти подарам.
Осум желби мајко имам
осмомартовски песни да ти посветувам.

Мајчината прегратка

1.
Во прегратка
ти заспивам
во душата ти сонувам.
Во срцето порака
ти оставам,
никогаш нема да те
заборавам.

Во прегратка спокој наоѓам,
душата си ја лекувам.
Мудри мисли тивко кажувам,
со тебе тајните ги споделувам.

Душата твоја прекрасна,
за сите место наоѓа.
Како сонце ти ме огреваш
и во прегратка ме сокриваш.


За авторот

Автор на стиховите и на уметничките дела е Илија Пешиноски (17), ученик во трета година во средното општинско стручно училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, здравствена струка.
Тој ја гледа иднината во медицината како иден кардиохирург, но пишува и црта од најмала возраст, а од скоро прави и уникатни мозаици. Ја издал стихозбирката „Вевчанска рапсодија“, опевајќи го својот роден крај, а денеска на читателите на „Колибри“, им се претставува со три песни за мајката и со две свои ликовни дела.