На радост на голем број млади таленти од Кавадарци и од околината, сѐ уште живее една прекрасна традиција, која остава посебна светлина на божиќните празници. Основното музичко и балетско училиште „Лазо Мицев-Рале“ од овој град на 8 јануари го организира традиционалниот Божиќен концерт, кој ги обединува сите сегашни и поранешни свои ученици, кои го продолжиле своето образование во средните музички училишта и на Факултетот за музичка уметност. Заедно со нивните наставници тие секоја година приредуваат незаборавно музичко доживување, а публиката еднаш во годината има можност на еден концерт да ги проследи музицирањата на најдобрите млади таленти од градот. Концертот се одржа во домот на културата „Иван Мазов-Климе“ каде што и овој пат се бараше место повеќе.
Сплет од божиќни песни исполни хорот при училиштето, а потоа следуваа соло-настапи на Тиана Димова, Иван Стојанов, балетска точка, квартетот кларинети со Илија Стојанов, Мартин Орешков, Александар Стојков и нивниот наставник Лазар Соколов, триото виолини, Леонид Неде Гогов, Марија Ристовска и Мелоди Паункова, флејтистките Миа Мартина Маџункова и Јосипа Василевска во придружба на пијано на Верица Ристова, сите добитници на први награди на државни и на меѓународни натпревари.
Од богатата програма на свечениот концерт ги издвојуваме настапите на Даниела Јовановска, пијано, Јован Јованов на кларинет, Тодор Ушитков и Драган Петков на хармоники, Стефчо Волчев со руско-унгарскиот сплет на хармоника, настапот на традиционалниот оркестар при училиштето и квартетот труби: Стојанче Соколов, Гоце Цоневски, Васко Рошков и Александар Митревски.
Печат на божиќниот концерт му даде настапот на оркестарот составен од ученици, средношколци, студенти и професори под диригентство на Звонко Богев, кој на публиката ѝ овозможи да ужива во неколку валцери и да аплаудира на прекрасниот „Радетски марш“.