„Современи бајки од Македонија“ е новиот проект на движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине!“ и на издавачката куќа „Арс ламина“. Тие ги повикуваат авторите да пишуваат бајки за деца, со што ќе се збогати фондот на литературата од современи автори за најмладите.
На конкурсот, кој ќе трае до 17 август, можат да конкурираат сите автори што сакаат својата креативност да ја изразат преку пишаниот збор наменет за најмладите.
Според условите на конкурсот, авторите треба да испратат текст во должина од најмногу 6.500 карактери или 1.200 збора што одговараат на 3,5 страници во Ворд. Авторите треба да имаат предвид дека победничките бајки ќе се илустрираат, така што текстот треба да биде соодветен за натамошна креативна илустрација. Заинтересираните автори можат да конкурираат со своја автентична бајка или, пак, со креативна адаптација и прераскажување бајки од фолклорната традиција. Пристигнатите бајки на овој конкурс не смеат да бидат претходно објавувани.
Сите заинтересирани автори треба да ги испратат своите бајки на адресата: [email protected], најдоцна до 17 август 2020 година, а конкурсот ќе може да се најде на www.bravosine.mk; www.arslamina.com и www.literatura.mk. Поединечната награда за откуп на авторските права на една бајка ќе изнесува 25.000 денари. По завршувањето на конкурсот, сите пристигнати текстови ќе бидат оценети, а до крајот на септември 2020 година ќе бидат објавени избраните бајки.
Движењето и издавачот досега работеа на изданијата „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“, кои беа инспирирани од македонското народно творештво, адаптирано на нов современ стил со автентични авторски илустрации.
– Поддршката на креативците е нашата основна мисија и навистина сме горди што во изминатиот период во чест на големиот креативец Иво Лауренчиќ, реализиравме навистина успешни проекти. Но уште поголемо задоволство ни преставува фактот што со нашата поддршка им дадовме можност на млади креативни автори, кои денес се веќе признаени професионалци во својата област – вели Ангелка Пеева-Лауренчиќ, членка на Управниот одбор на движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине!“
Движењето е основано во спомен на Иво Лауренчиќ, експерт за маркетинг, кој почина на 13 мај 2013 година.
Едицијата „Бајки од Македонија“ е преведена е на неколку светски јазици, а отпечатено е и издание со Брајово писмо.