Јас по професија сум професорка по одделенска настава и токму љубовта кон децата и можноста професионално да се реализирам, а имајќи го предвид значењето на книгата во нивниот правилен ментален развој и созревање, ми беа главен поттик да се насочам токму во тој правец во текот на мојот професионален раст. А библиотеките се еден од најмоќните фактори во подобрувањето на процесот на образование и воспитување од најмала возраст, вели Соња Манева
Кога некој од мали нозе е опчинет со книгите, логично е изборот на професијата да се движи во таа насока. Соња Манева од Штип имаше среќа сонот од детството да ѝ стане секојдневие. Веќе 13 години таа работи како библиотекарка во универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ во родниот град, а за нејзината посветеност и професионализам таа неодамна ја доби и наградата „најдобар библиотекар“ на републичката литературна манифестација „Средби под јаворите“ во Струмица.
Какво е чувството кога трудот што го вложувавте сите овие години, не штедејќи се, се валоризира и потврдува?
– Да се биде носител на едно вакво национално признание е голема чест и задоволство и, секако, чувството е прекрасно. Секако, добро е што има и вакви манифестации што го препознаваат и вреднуваат вашиот професионален ангажман. Истовремено, тоа е поттик и мотив, не само за мене туку и за преостанатите библиотекари, за уште поголема заложба во работењето, а секако најголема бенефиција ќе имаат корисниците на услуги од библиотеката и, секако, пошироката заедница. Но сакам да потенцирам дека признанието не било причина за моето работење, туку е последица. А за да се пријавам на еден ваков конкурс ме поттикна еден студент, задоволен корисник од моите услуги во библиотеката. Но во исто време овој чин е и потврда за самата библиотека во која сум вработена, дека сите сме посветени во насоката на давање добра услуга, што резултира со задоволни корисници, а впрочем за нив ние и постоиме.
Вашето работно место е во НУБ „Гоце Делчев“ во Штип, каде што имате многу задолженија, кои со успех ги завршувате, но се чини најважната од сите обврски е популаризација на книгата и создавање нови читатели.
– Да, работата на библиотеката е организирана во повеќе сектори, кои подеднакво се важни за успешно функционирање на самата установа. Јас овде сум вработена 13 години и покрај другите обврски, набавката на книги, реализирање на проекти и слично, најголем дел од времето сум ангажирана токму на афирмација и популаризација на книгата и, секако, создавање нова читателска публика. Токму затоа за реализација на активностите се користи секоја пригода или значаен датум. Секако, со воведување нови иновативни начини, настојувам да ги истакнам значењето на книгата и потребата од читање. Затоа во нашата јавна установа се организираат голем број промоции на книги, саеми, разни книжевни работилници и промоции.
Што конкретно правите на планот на анимирање на децата?
– Децата се мојата најомилена и посакувана целна група, а навиките за читање и љубов кон книгата се стекнуваат од најмала возраст, па затоа постојано организираме и реализираме активности со кои ја приближуваме книгата до најмалите и кај нив создаваме навики за почеста посета на библиотеката. Разговараме за омилената книга, сликовница, за омилени ликови, читаме бајки, сказни, промовираме детски книги, овозможуваме средби со автори. На тематски работилници ги развиваме нивните креативни способности, со литературни конкурси ја поттикнуваме нивната творечка мисла, преку книжевни работилници ги оспособуваме за креативно пишување и изразување, а во исто време тие се стекнуваат со нови знаења, со што придонесуваме за нивен правилен ментален развој.
Во текот на летото библиотеките се најпосетувани од децата, кои доаѓаат во храмот на книгата за да ја пронајдат својата омилена лектира. Какви домаќини сте им периодов на малите штипјанчиња?
– Летниот распуст е во тек, децата не се на училиште, но секако дел од слободното време во овие жешки денови користат за да ги прочитаат своите лектири, но има и голем избор на незадолжителна детска литература, интересна за нив. Се трудиме постојано да го дополнуваме фондот со нови наслови, за сите возрасти и вкусови. Секогаш сме пријателски расположени, со пофални зборови за нивното доаѓање во библиотеката и за континуитетот во читањето книги.
Се сеќавате ли можеби која беше вашата омилена лектира?
– Имам повеќе омилени лектири од детските денови, а и денес знам да прочитам добра детска книга. Од омилените, уште во сеќавање ми е „Возот в снег“ од Мато Ловрак.
Што претставува за вас книгата?
– Книгите се отворен прозорец кон светот, клуч со кој можат да се отворат многу врати, да ни помогнат во решавање на многу проблеми, надминување на многу дилеми и, секако, извор на информации и знаење со кои ќе си го подобриме живот и, секако, во мојот професионален ангажман се трудам тоа право на книга и читање да биде достапно до секого.
Дали токму просветителската мисија што ја имате најмногу ве радува, но и професионално ве надградува?
– Јас по професија сум професорка по одделенска настава и токму љубовта кон децата и можноста професионално да се реализирам, а имајќи го предвид значењето на книгата во нивниот правилен ментален развој и созревање, ми беа главен поттик да се насочам токму во тој правец во текот на мојот професионален раст. А библиотеките се еден од најмоќните фактори во подобрувањето на процесот на образование и воспитување од најмала возраст.
Во низата активности на библиотеката периодов беше и „Читање на глас“, како помина проектот, беше ли прифатен?
– Оваа година поради пандемијата, а со цел да ја одржиме читачката кондиција кај најмалите, да ги поттикнуваме и да создаваме нова читателска публика, започнав со реализација на кампањата „Да читаме на глас“, со која се приклучивме на европската година на гласно читање, прогласена од европската организација за унапредување на читањето „ЕУ рид“ (EU READ). Со тоа ја нагласивме важноста на гласното читање кај децата, кое има повеќекратни придобивки. Одзивот е голем, бидејќи е со споделување видеа на кои децата гласно читаат. Освен од Штип, се приклучуваат и ученици од други градови и акцијата ќе трае до крајот на годината.
Меѓу манифестациите што ги организирате се и Денови на Ацо Шопов, на Свети Кирил и Методиј, а секако тука се и многубројните летни активности. Кажете ни нешто повеќе за тоа?
– Во програмата за работа се предвидуваат и проекти, со поддршка на Министерството за култура, преку чија реализација овозможуваме активности чија цел е да се истакне значењето на ликот и делото на овие личности, а со самото тоа им оддаваме почит и ова возвишено чувство им го пренесуваме на идните генерации. Тоа се убави настани што се одржуваат во континуитет. Манифестацијата Денови на Шопов трае веќе петта година, а 24 Мај се реализира втора година. Преку книжевнолитературни работилници децата учат, творат и, секако, ќе продолжат да го негуваат и чуваат споменот за овие важни личности за нашата историја и култура.
Дали според вас децата и покрај новите технологии сакаат да читаат?
– И покрај дигитализацијата, библиотеката останува важна институција во градовите. Времето на пандемија најдобро го потврди тоа. И покрај можноста за пристап до виртуелни книги и технологии, многу наши читатели со нетрпение чекаа да се отворат библиотеките за да можат да си ја прегрнат посакуваната книга и да го почувствуваат нејзиниот мирис. Секако, интересот кај детето најпрво го будат физичкиот изглед на книгата и убавите илустрации што се кријат во нив, па секако се трудиме преку најразлични активности да ги привлечеме учениците што помасовно да доаѓаат во библиотеката и да се дружат со книгата.
Бевте директно вклучени во промоцијата на книгата „Татковината во детските срца“. Мислите ли дека треба да се организираат што повеќе настани на кои на децата ќе им се доближуваат убавините и вредностите на татковината, а со тоа ќе се поттикнува и нивната љубов кон неа?
– За мене тоа беше еден убав настан за кој се подготвував со многу љубов, бидејќи тоа е книга што обработува една преубава тема, љубовта кон татковината, а тоа се прави од најмала возраст и, секако, тоа е книга во која се содржат чистите детски изливи за татковината и, секако, во иднина треба да има што повеќе вакви настани.
Со оглед на тоа дека сте опколени со многу книги, дали и сами пишувате?
– Во училишните денови учествував на повеќе конкурси и добивав награди за напишани песни или раскази, но оваа своја дарба не ја развивав понатаму. Сепак, знам да напишам, ама ретко, некоја песна за душа, а како вработена учествувам на повеќе конференции со свои трудови на одредени теми, со цел да ги промовирам и афирмирам професијата библиотекар и нашата библиотека. Сум напишала и предговори за две книги на кои се јавувам и како составувач, и тоа: „Зборник на творби на поетеси од Штип“ и „Овековечување на Митровденски средби на доктори на науки“ – една многу значајна манифестација во организација на Роднокрајното одделение.
Книги за инвалидизирани и изнемоштени лица
Вашите обврски и ангажмани се многубројни, ќе ни откриете ли дел од секојдневната агенда?
– Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ во Штип, бидејќи е единствена во градот, ја врши и улогата на јавна библиотека, и тоа во Одделението за комплетирање и техничка обработка на библиотечниот материјал и меѓународна размена. Покрај обврската за набавка на книги, одделението има обврски и околу организирање и планирање промотивен материјал за библиотеката, продажба на книги и сувенири и сл. Исто така треба да има учество во организирање и реализирање на културните настани и активности во библиотеката. Конкретно јас работам како библиотекар и одговорно лице за продажба на книги од Владата, но според обемот повеќе сум ангажирана за афирмација и популаризација на книгата и нејзино претставување и доближување до читателот и создавање нова читателска публика. Одговорна сум за реализација и на проектни активности од Годишната програма за работа. Седум години по ред го реализирам проектот „Книга до инвалидизирани и изнемоштени лица“, набавка на монографски публикации, Денови на Шопов, 24 Мај – Ден на Кирил и Методиј и учествувам во организација и реализација на други културни активности.
Збор
Ќе ми треба збор
да напишам песна,
песна полна надеж
што ќе биде лесна….
Посакувам збор
што ќе биде траен,
што ќе биде клуч
до ковчегот таен.
На крајот го пронајдов,
тој љубов се вика!
Извор е на среќата
– како вруток блика.
Стојан Арсиќ (Од книгата „Раскрилени пораки“)