Темите и мотивите што ги обработува авторот им се блиски на најмладите читатели,
всушност позајмени се од нивното секојдневие и обоени со колоритот на детството
Нови изданија: Избор од творештвото на писателот Киро Донев
Неодамна излезе од печат најновата книга на познатиот македонски писател за деца Киро Донев, со наслов „Календар на детството“, а ја издаде „Просветно дело“. Во книгата се собрани поетски и прозни текстови и кратки книжевни жанрови, во чиј фокус се светот на детето, неговите дилеми, размислувања и обиди да го сфати она што го опкружува.
Според рецензентката, д-р Ана Витанова Рингачева, темите и мотивите што ги обработува авторот им се блиски на најмладите читатели, всушност позајмени се од нивното секојдневие и обоени со колоритот на детството. Пораките, кои како наравоученија испливуваат на крајот од текстовите, се во насока на проширување на хоризонтите и светогледот на детето. Тоа ја препознава мислата на писателот како своја, му верува на авторот, кој толку мудро и топло, преку зборот, му се доближува и ја стекнува неговата доверба.
Без да го потцени мисловниот капацитет на детето, авторот разработува многу сериозни теми, на свој специфичен начин, стил по кој е препознатлив во македонската, но и во европската литература за деца.
– Киро Донев многу приемливо и внимателно му приоѓа на детето, навлегува во неговиот свет „симнувајќи“ се на негово ниво, без да покажува супериорност на возрасен човек. Тоа е доблест, чија цел е да им ги посочи на децата најважните нешта за семејството, за важни настани и ликови од историјата, за минатото, празниците, природата, да им покаже дека ги следи и модерните текови, но и да им ги посочи нивните права. Во насока на збогатување на богатата ризница текстови посветени на децата, работени според наставните програми на предучилишното и раноучилишното воспитание и образование, секако, во илустрираната книга за деца „Календар на детството“ од Киро Донев може да се најдат песни, раскази, драмски текстови, стихови за буквите од македонската азбука, кои изобилуваат со низа интерактивни насоки и барања што го стимулираат детето да размислува, истражува, открива, погодува и чита без здив, а притоа и да црта, да бои и да допишува – пишува во рецензијата за книгата д-р Ана Витанова Рингачева.
Книгата изобилува со прекрасни илустрации што се во функција на текстот, создадени од илустраторскиот тим на редакција „Детска радост“ при „Просветно дело“
– Овој избор од творештвото на Киро Донев значи уште еден голем придонес во збогатувањето на македонската литература за деца и влог кон создавање здрави и мисловно богати поколенија. Илустрациите на Александар Сотировски, Натали Никловска, Сузана Томовска, Александра Хаџи Наумова Атанасовска, Боркица Арсевска, Фросина Арсевска, Оливер Коларевски, Александар Поповски, Маја Ковачевска, Тања Вукобрат и Александра Бендевска претставуваат неодолива „мамка“, за која безусловно се „фаќа“ секое дете, но и секој возрасен што го зачувал детето во себе. Едноставно, „Календар на детството“ е книга што треба да биде дел од секоја библиотека, а во календарот на секое дете треба да има место за „Календар на детството“ – истакна Витанова Рингачева.