За надарените ученици, креативен е оној наставник што има верба во младите луѓе и ги сака учениците, кој е љубезен, демократичен и полн со разбирање, вели Бумбароски
ОД МОЈ АГОЛ: Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп
Наставникот ја има единствената можност да создаде услови потенцијално надареното дете да стане позитивен и полезен член на општеството. Тој треба да биде свесен дека на некои надарени деца им недостига синхронизираност со нивните врсници, семејството и со времето во кое живеат. Затоа, неопходно е наставникот да ги разбере чувствата на фрустрираност и изолираност кај овие деца, кои може да се појават бидејќи нивниот интелектуален развој е побрз од емоционалниот и физичкиот. Тој треба да биде свесен за евентуалното несовпаѓање на интелектуалните и социјалните потреби, како на пример потребите за сигурност и социјално прифаќање.
Наставниците, покрај знаењата од сопствениот предмет, треба да располагаат со: сознанија за развојот на детето, доверба, вештина за развој на флексибилен и интересен материјал, високоразвиена вештина за прашување и објаснување, желба повеќе да насочуваат отколку да диктираат, дозволувајќи им на учениците да развиваат независност во мислењето и однесувањето, веќе докажан успех како наставници во редовните училишта, можности да направат грешки, а наставниците треба да поседуваат и лидерски вештини.
Според Елизабет Друс, задачата на наставникот е да инспирира и да ослободува. На надарените ученици најмногу можат да им помогнат наставниците кај кои постои комбинација на две карактеристики.
Прво, тие треба многу да знаат и постојано да го збогатуваат своето знаење со актуелните постигнувања во предметот што го предаваат. Второ, тие мора да имаат вонредна вештина за комуникација. За надарените ученици, креативен е оној наставник што има верба во младите луѓе и ги сака учениците, кој е љубезен, демократичен и полн со разбирање.
Таквите наставници веруваат дека сите човечки суштества по природа се добри и имаат потенцијали. Насочуван на такви вредности, ученикот може да избере стил на живеење и поглед на светот, исто како и секојдневни избори, за кои повеќето луѓе не се свесни.
Треба да признаеме дека надарените деца уште од мали се способни да увидуваат значајни нешта и нашата задача како наставници е сократовска: да го извлечеме креативното од нив и да им дозволиме да бидат таму каде што можат да го откријат тоа што, всушност, веќе го знаат.
За наставниците што ги подучуваат надарените ученици, доволно е да имаат просечни способности, натпросечно да се заинтересирани да им помагаат на надарените, секогаш да се подготвени за соработка, да умеат да го наградат трудот, да ја ценат интелегенцијата и да знаат како да ја негуваат.
Во однос на личните особини, за нив најважни се: разбирањето, прифаќањето, почитувањето, довербата, себепочитувањето, отвореноста за нови идеи и флексибилноста.