Секој не може да биде писател или поет, колку и да се труди, исто како што секој не може да биде музички или ликовен уметник. Тоа е дарба што или ја имате или ја немате, а сѐ друго се само обиди што ги рушат вистинските вредности, вели Маказлиева Трајчева
ОД МОЈ АГОЛ: Ксенија Маказлиева Трајчева, одговорна уредничка, едукаторка, писателка за деца
Верувам дека секој од нас, можеби, не се сеќава на првите зборови што ги изговорил, но со сигурност се сеќава на првите песнички или приказни што ги научил или слушнал во своето најрано детство.
Дали е тоа така, може да проверите токму во овој миг. Едноставно затворете ги очите и обидете се да се „вратете“ во детството – и ќе бидете изненадени кога ќе се „фатите“ себеси како рецитирате песничка од градинка или пред вашите очи ќе се појавуваат илустрации од омилените приказни. Можеби нема да се сетите на името на поетот или писателот, но со сигурност во вашата меморија останале „запишани“ многубројни стихови и илустрации што ви будат топли спомени од детството.
Дали се сеќавате на првата книга или на првото списание за деца што сте го држеле во своите раце?
Тоа што како литература се „консумира“ во најраната возраст ги поставува темелите и критериумите на возрасната читателска публика. Но што е уште поважно, служи како патоказ за идните, нови генерации писатели и поети за деца. За жал, во денешно време евидентен е еден непопуларен тренд, кој поттикнува став дека пишувањето за деца е „лесна“ работа и дека речиси секому му „му поаѓа од рака“ да напише стихови, да „склопи“ рими или да создаде приказни за деца, кои заслужуваат да бидат објавени во пишани или електронски медиуми или, пак, ставени меѓу две корици во книги за деца. Во отсуство на сериозна (позитивна и негативна) рецензија и стручна (реална) критика во литературата за деца, денес, (чест на ретките исклучоци) секој што има финансиски можности или сопствена издавачка куќа лесно може да објави книга за деца. А квантитетот, не гарантира квалитет. Голите дидактички текстови, со изнудена рима и просечен раскажувачи талент, секако дека не претставуваат литературни дела, така што, во актуелниот момент, имаме повеќе пишувачи, а помалку писатели или поети во вистинската смисла на зборот.
Јас лично, како долгогодишна уредничка, од срце се радувам кога ќе добијам ракопис од талентирани автори, независно од возраста, кои сакаат да учат, да истражуваат и да работат на својот талент, да напредуваат за да го постигнат нивото на најдобрите во литературата за деца. Автори што се оригинални во своето творештво, кои се доволно самокритични, свесни за потенцијалот со кој располагаат, ослободени од личната суета и самобендисаност.
Но исто така се разочарувам кога сум сведок на најразлични фестивали, конкурси, манифестации на поезија за деца, на книжевни и електронски изданија во кои се објавуваат творби што не претставуваат ништо повеќе од наивен обид за пишување (чест на ретките исклучоци) и се доделуваат по десетина први, втори или трети места.
Навистина не разбирам во што е поентата?
Зошто го кажувам сево ова? Затоа што сакам да укажам на фактот колку е важно да се создаваат вистински, цврсти литературни критериуми и стандарди кон кои треба да тежнее современиот поет или писател за деца. Дека литературата за деца е исто толку важна колку што се важни и правилната исхрана, воспитувањето и образованието на едно дете. И конечно дека секој не може да биде писател или поет, колку и да се труди, исто како што секој не може да биде на пример музички или ликовен уметник. Тоа едноставно е дарба што или ја имате или ја немате, а сѐ друго се само обиди што ги рушат вистинските вредности.
За квалитетно издание за деца, независно дали станува збор за списание, сликовница или книга, пресудна е улогата на уредникот, рецензентот и литературниот критичар во создавањето квалитетни автори, поети и писатели за деца. Нивна е одговорноста дали литературата за деца во Македонија ќе се движи по нагорна или по надолна линија. Сите ние секогаш треба да имаме на ум дека литературата за деца е духовна храна што ја гради, воспитува и ја обликува младата личност. Треба да биде лесно читлива, приспособена на возраста и сензибилитетот на детето, да буди позитивни емоции, а не фрустрации и одбивност. А тоа, ќе се согласите, не е најлесната работа на светот, туку токму спротивното.
Како и за сѐ друго во животот, од нас зависи – од нашите избори и критериуми што ги градиме од мали нозе, а ги надградуваме цел живот. И не заборавајте да им читате на децата од најмала возраст, тоа е нашиот најважен влог во иднината на нашите деца и на општеството во целост.