Во пресрет на велигденските празници во Музеј-галеријата во Кавадарци се одржа продажна изложба на ракотворби насловена „Пролетта во бои“, изработени од штитениците на центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака – Неготино“. Учениците штитеници на овој центар покажаа дека умеат да изработуваат прекрасни ракотворби, дека можат да бидат еднакви со другите деца, кои деновиве во рамките на велигденските базари ги покажаа својата инвентивност фантазија и умешност. Фактот што ракотворбите можеа да се купат беше вистинска потврда за нивниот труд и голем поттик да продолжат и понатаму вредно да работат и да креираат голем број украсни предмети, но и предмети што имаат употребна вредност.

На изложбата свое обраќање имаа директорката на Музеј-галеријата Весна Ѓорѓиева, д-р Виолета Димитрова и раководителката на „Порака – Неготино“, Верица Ташева.

Со своја тезга полна со разнобојни велигденска јајца на велигденскиот настан се придружија и штитениците на Дневниот центар на лицата со посебни потреби во Кавадарци со прекрасна порака за среќни велигденски празници. Собраните средства од продадените велигденски јајца ќе бидат искористени за потребите штитениците. 


Велигден

Бабоооо дедоооо!!!
„Ајде не стојте здрвени,
дојдете да видите
чудото се случило –
нашите бели кокошки,
снеле јајца црвени!“

– „Гледам, внучко!“ – баба Ката
го смирува Веле,
„но погледни, во ќошето
и зелени снеле!“
– „што е ова?“ – збунет Веле
глава врти, чешка,
се вртеше ваму таму
и си вели „Грешка, грешка!…“

Но штом зора фрли зраци
и петелот кликна,
– „Станувајте, Велигден е!“
баба Ката викна.

И тогаш на внукот Веле
се му стана јасно,
„Значи баба ги вапсала!“
викна Веле гласно.

Стојан Арсиќ
од книгата
„Раскрилени пораки“