проф. д-р Кирил Темков
Основните и суштински зборови во етиката се добро и зло. Околу нив се врти сѐ. Тие се основа на моралот и со нив се мерат постапките на луѓето.
Добро е она што има животна вредност, она што ѝ е потребно на личноста. Доброто е извор на моралните норми и ги оправдува. Доброто е израз на позитивните стремежи. Со погледот кон доброто, со неговото избирање и следење се создава исправен живот, човекова среќа или најголема корист за најголем број луѓе.
Злото е негација на доброто, отклонување од него, израз на негативните стремежи. Злото е основен елемент на лошото дејствување, сила за унижување и повредување на луѓето.
Доброто е она што повеќе се сака и што се избира, се препорачува, се брани и се извршува. Доброто се почитува. Личноста се гордее со изборот на доброто и со правењето добро. Доброто се оценува позитивно.
Злото е она што не се сака, што не се избира, што се отфрла или заобиколува. Злото не се брани. Тоа не се препорачува за извршување или се наложува негово избегнување. Злото не се брани и се оценува негативно.
Бидејќи доброто и злото се спротивни нешта, тие се исклучуваат. Тие се два пола што не можат да се доближат. Не е можно нивно мешање. Меѓу нив постои суштествен судир – она што е добро не е зло, злото не може да стане добро. Оној што прави добро не е зол, а оној што прави зло не може да биде добар.
Изборот меѓу доброто и злото претставува основен човеков избор, или насока по која човекот ќе се движи во животот.
Етичка мисла
Доброто е цел на сето постоење и на секое движење.
Аристотел, најголем антички филозоф и естетичар и учител на Александар Македонски
„Гоцева мисла“ за професорот Кирил Темков
Годинашната меѓународна награда „Гоцева мисла“ вчера му беше доделена на професорот Кирил Темков. Исто така награда доби и Жан-Патрик Конрад, претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите со седиште во Париз, Франција.
Кирил Темков и Жан-Патрик Конрад се наградени за нивниот осведочен и евидентен придонес на планот на културолошката мисија, развојот и негувањето на културата, уметноста, науката и етиката, како и соработката и поврзувањето меѓу народите.
Наградата ја доделува фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“, а се доделува во чест на роденденот на Гоце Делчев и неговата знаменита мисла „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.