– Зошто има 12 месеци во една година? Кој решил тоа така да биде? А што е најинтересно од сѐ, јас мора сите да ги знам! – и денес се бунеше Спирко.
Ако го гледаш и слушаш отстрана, ти се чини дека се расправа самиот со себе.
– Пак нова лекција за учење, а Спирко? – го задеваше сестра му.
Беа сами дома. А тоа секогаш и не беше лесно да се издржи. „Кој ли ги измисли постарите сестри?“, помисли, па врати на глас:
– А тебе што ти е грижа? Лесно е кога си во осмо! Дојди во трето, па да видиш како е!
– Јас таму бев – и заминав!
И супер си поминав! Ајде, не жали е. Трето е лесно како…
– Како?!
– Е супер би било да е сега лето, а до летото има уште…
– Уште четири месеци!
– Аха, уште четири, ајде број…
– Јануари, февруари, март, август, мај…
– Август! Во август е летоооо… по март, доаѓа април…
– Е добро де, знам дека беше нешто на а! Како рече?!
Април! Април! Повтори си десет пати и ќе запаметиш…
– Ти ќе ми кажеш! Десет пати?! Знам веќе, август си е август!
– АПРИЛ!
– Април, де! На април мислев!
– Ајде, кажи ги сега сите 12 месеци по ред!
– Баш сите 12?!
– Што, не ги знаеш?
– А зошто мора да ги знам?! И зошто морало да има 12? Да биле на пример, 6 месеци по десет дена… Замисли! Ем побрзо ќе поминуваа… Ем мама и тато почесто ќе земаа плата… Ем побрзо ќе поминуваше учебната година, ем…
– Е убаво ќе беше, ама не е… Тоа некој друг го смислил пред тебе! Доцна си се родил…
– Штета…
– А замисли да биле 24 наместо 12! Па да мораше сите 24 да ги научиш?!Секогаш има од лошо, полошо!
– Тоа само ти можеш да го смислиш. Туку, уште колку месеци рече останаа до летото?
– Изборј! Пролет, лето, есен, зима – секој од нив по три месеци има!
– Јануари, февруари, март…
– Зима…
– А…април, мај, јуни…
– Пролет
– Јули, август, септември…
– Лето
– Октомври, ноември, декември…
– Есен.
– И крај на годината… Ете сега ги знаеш и месеците и годишните времиња… А деновите во неделата, ги научи ли? – праша сестра му.
– Какво е ова прашање? А како ќе знам кој ден кои часови ги имам… Но, чекај… Јануари помина, февруари до половина, март – еден и пол, ав… април – два и пол, мај – три и пол, јуни… Јуни не се брои, веќе е распуст…
– Значи?!
– Значи уште три месеци и, и… 15 дена, па летото за мене почнува… Потоа уживанција….
– Да, само уште три и пол месеци…
– Па што, многу ли е тоа?!
– Не… тоа се само околу… три по… аха, хм….Околу 100 и некој ден!
– А ако се одземат викендите? Тогаш не се учи!
– Е па, три месеци по осум дена викенд? Колку е?
– 100 – 24? Колку е тоа?
– 100 минус 24 – пресметуваше Спирко со своето моливче – сто минус дваесет… тоа се 80, минус 4, тоа е…76!
– У-ууу па ти си знаел математика! Ете приближно уште толку! И уште некој ден од јуни… Многу ли е тоа?
Спирко се замисли. Не беше сигурен дали е малку, дали е многу, ама знаеше дека зимата полека поминува.
А штом дојде пролет, тогаш е веќе сѐ полесно…
А што мислите вие?!

Ксенија Маказлиева Трајчева
од книгата „Спирко немирко“