Илустрациите потекнуваат од различни периоди и од различни фази од творештвото на Кондовски, па, така, посетителите ќе имаат можност да прошетаат низ она што го тој го создавал во текот на неколку децении, почнувајќи од 1950-тите, па до 1980-тите години од минатиот век
Околу 200 илустрации за деца на Димитар Кондовски на второто издание на меѓународниот фестивал за литература за најмладите „Литера“
Во рамките на второто издание на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ ќе биде отворена изложба на илустрации на големиот ликовен уметник Димитар Кондовски (1927-1993), еден од доајените на македонското сликарство. Изложбата ќе биде отворена утре, 14 октомври, во 19 часот, во Националната галерија, во објектот „Мала станица“, а ќе биде организирана под посебен протокол во однос на заштитните мерки против ковид-19. За време на настанот ќе бидат организирани повеќе работилници на кои деца на различна возраст ќе имаат можност да се едуцираат, како и да ги запознаат и истражуваат делата на Кондовски.
Агенцијата „Ефектива“ најавува интересно визуелно, но и патување низ времето за сите посетители и поддржувачи на фестивалот.
– Културата е еден од најзначајните елементи за развој на здраво општество. Таа мора да постои и да функционира во сите приспособливи форми. Во моментов светот се соочува со многу предизвици, но јас сметам дека токму уметноста е таа што може да му помогне да ги надмине емоционалните аспекти на кризата. Искрено, се обидуваме да поттикнеме развој на квалитетна литература за деца, и од визуелен и од содржински аспект, бидејќи децата од мали нозе треба да научат што е вистинска култура и како да ја препознаат – вели Софија Семенпеева, директорка на „Ефектива“.
Кондовски во својата грандиозна творечка кариера, како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство во 1960-тите години, а изложбата на илустрации е соодветен вовед кон ретроспективната изложба на уметникот што ја подготвува оваа установа.
Илустрациите на книгите како „Зоки Поки“, „Колибата на чичо Том“, „Белото Циганче“ се дел од 200-те илустрации од големиот ликовен уметник Димитар Кондовски што ќе бидат изложени утревечер во „Мала станица“.
Софија Семенпеева и уметникот Урош Вељковиќ, кои ја подготвуваа поставката, велат дека опусот на илустрации на Кондовски е навистина огромен и со оглед на тоа што се работи за прва ретроспективна изложба на овој голем уметник, нивна цел била да се изложат што е можно повеќе дела.
– Се разбира, навистина е тешко да се стокми во една изложбена галерија нешто што е создавано со децении, особено имајќи предвид дека Кондовски е еден од најплодните домашни илустратори. Благодарение на неговото семејство, имавме навистина голем избор на дела, од кои избравме околу 200, кои ќе бидат изложени до 1 ноември – вели Семенпеева.
Илустрациите потекнуваат од различни периоди и од различни фази од творештвото на Кондовски, па, така, посетителите ќе имаат можност да прошетаат низ она што го тој го создавал во текот на неколку децении, почнувајќи од 1950-тите, па до 1980-тите години од минатиот век.
Вељковиќ вели дека селекцијата на делата било возбудливо инспиративно доживување за тимот на „Литера“.
– Се чувствувавме како да имаме времеплов и да патуваме низ времето. Всушност, токму тоа е најголемата вредност на оваа изложба. Различни генерации луѓе ќе можат да се навратат во минатото и да уживаат во илустрациите со кои растеле. Во однос на насловите, она што е најпрепознатливо, барем за мојата генерација, е ликот на Зоки Поки. Кондовски има илустрирано низа класици на домашната и странската литература, како „Алиса во земјата на чудата“, „Колибата на чичо Том“, „Белото Циганче“… Мое лично мислење е дека ова творештво мора да го негуваме на институционално ниво, бидејќи значењето на илустрациите е огромно за денешните, но и за идните генерации – посочи Вељковиќ.
И двајцата се надеваат дека во иднина волшебниот свет на Кондовски ќе биде лесно достапен за идните уметници, кои сега се средно училиште или дури и помали, за дечињата што ги привлекува магијата на ликовната уметност.
– Изложбата има и едукативна смисла. Сите може да учиме од маестралниот начин на кој Кондовски успева со една илустрација од насловната страница да ја долови приказната раскажана на сто, двесте или повеќе страници – велат организаторите.
Инаку, фестивалот „Литера“ го имаше своето прво издание во април минатата година, во просториите на Музејот на современата уметност во Скопје, каде што се одржаа многу значајни дискусии, работилници и изложба на илустрации значајни за развојот на квалитетната литература за деца. Поради пандемијата на ковид-19, годинешното издание на фестивалот е поместено за есенва. Фестивалот ќе се одржи на повеќе локации, меѓу кои „Даутпашиниот амам“ и „Мала станица“.
Годинава манифестацијата ќе трае еден ден повеќе, со оглед на тоа што се предвидени богати и интересни содржи за децата и за родителите, но и за професионалните илустратори.
Меѓународниот фестивал за детска литература и илустрација „Литера“ го организира агенцијата „Ефектива“ од Скопје. Фестивалот го помагаат: Делегацијата на ЕУ во Скопје, Министерството за култура, Град Скопје и други фирми.
Едукативни работилници за деца
Едукативни работилници за деца и дебати ќе бидат дел од програмата на второто издание на меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Во рамките на фестивалот, на 16 октомври, во 19.30 часот, во „Јуроп хаус“ во Скопје ќе се одржи дебата на тема „Како децата се запознаваат со предизвиците во животот преку литературата?“. На оваа дискусија ќе учествуваат: проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р и писател Владимир Мартиновски, Искра Димковска („Сказнувалка“) и психологот Христина Стефановска.
Во рамките на фестивалот ќе бидат организирани пет работилници на кои ќе можат да учествуваат помал број деца. Доколку дозволат временските услови, тие ќе се одржат во дворот на „Даутпашиниот амам“, а во случај на заладување или дожд, активностите ќе се префрлат внатре.
На второто издание на „Литера“, под наслов „Емоцијата има своја боја“, на 15 и 16 октомври работилница ќе одржат кустоската и едукаторка од Националната галерија Маја Димитрова и вајарката Моника Гошева.
Четири различни работилници ќе се одржат на 17 октомври. „Прочитај ми приказна/прочитај си приказна“ ќе ја води Коста Милков од издавачката куќа „Метаноја“. Во истиот термин од 11 часот ќе се реализира и работилница на тема „Среќни деца денес – подобри луѓе утре“, која ќе ја одржи едукативниот центар „Скампер“ од Скопје.
Искра Димковска од издавачката куќа „Сказнувалка“ ќе одржи работилница инспирирана од сликовницата „Празнина“ од Ана Лјенас. Поетесата Ана Голејшка-Џикова ќе одржи работилница за креативно пишување.
На 18 октомври во „Даутпашиниот амам“, заедничка работилница ќе одржат „Полица“ и фестивалот „Литера“, на тема „Креирање книжевно дело од деца за деца“.
На 19 октомври, во „Јуроп хаус“ фестивалот ќе додели награди за најдобрите македонски изданија меѓу двата фестивала. Ќе бидат доделени три награди: за најдобра детска книга, за најдобра илустрација и за издание во целина.