Десет придобивки од реализацијата на проектот „Училишни градини“ во развојот на децата
1. РАЗВОЈ НА МОТОРИКАТА
Детето во градината преместува, фаќа, копа, ја допира почвата, низ раце дроби грутки земја, користи алати. Со сите тие активности правилно се развива моториката кај децата, благодарение на активноста во домашната или во училишната градина.
2. СТЕКНУВАЊЕ РАБОТНИ НАВИКИ
Кога активностите се испланирани и контролирани од страна на одговорниот наставник за училишната градина, детето може да стекне многу корисни работни навики. Младите градинари научуваат дека треба да се работи за да се произведе, треба да се прави тоа вредно и посветено и дека без да се работи не може да се произведе.
3. СТЕКНУВАЊЕ ДГОВОРНОСТ
Да се стекне чувство за одговорност, значи да сфатиме дека не сме сами и дека треба да градиме чувствителен однос и грижа кон сѐ околу нас. Цвеќето не може да се залева кога ние сакаме, туку тогаш кога треба. Зеленчукот треба да се бере тогаш кога ќе созрее, но додека да созрее ние речиси секојдневно треба да се грижиме за него.
4. ДОБИВАЊЕ ПРАКТИЧНИ СОЗНАНИЈА ЗА ПРИРОДАТА И ПОЈАВИТЕ
Природа не е само предмет во училиште. Природа е многу поширок поим. Таа е сѐ што нѐ опкружува, но и самите ние сме дел од неа. Природа – тоа сме ние. Спознавајќи ги разните растенија во градината учиме многу. И не учиме само за растенијата, туку учиме и физика и хемија и биологија и математика на еден практичен, применлив и впечатлив начин.
5. OТКРИВАЊЕ НА РАСТИТЕЛНИОТ СВЕТ
Огромен е бројот на членовите на растителниот свет. Секако, ни најголемите биолози и ботаничари не успеале да ги пронајдат и да ги проучат сите растенија. Убаво е да ги истражиме автохтоните сорти на нашето македонско поднебје, да ги откриеме и одгледуваме старите сорти и со тоа да ги зачуваме.
6. ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЕКОЛОШКАТА СВЕСТ
Интензивното земјоделство во светот најмногу страда од климатските промени и од еколошките катастрофи, но истовремено и најмногу придонесува за нив. Затоа „Слоу фуд“ со проектот „Училишни градини“ е насочен кон развојот на органското производство, каде што се зачувува природното кружење на материјата во природата.
7. СФАЌАЊЕ НА ЗНАЧЕЊЕТО ОД САМОСТОЈНОТО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА
Без храна не можеме да живееме. Како што е важно да се знае да се пишува, да се чита, како што се убави вештини спортот, сликањето, пишувањето или пеењето, знајте дека многу важна животна вештина е умеењето самостојно да се произведе храна.
8. СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА
Едукацијата преку програмата „Училишни градини“ овозможува зголемено ниво на социјализација, затоа што работата во градината бара сплотеност, заедништво, меѓусебна помош, поддршка и разбирање. Кога тие нешта ги применуваме и надвор од градината, тогаш ја гледаме важноста во воспитувањето што ја овозможува таа.
9. ФИЗИЧКИ И ПСИХОЕМОТИВЕН РАЗВОЈ
Работата во градината бара физичка активност. Со тоа се подобрува циркулацијата, се затегнуваат мускулите на телото, коските зајакнуваат. Сонцето и ветрето нѐ прават посилни и поотпорни на настинки и грип. Грижата, пак, социјализацијата, комуникацијата со растенијата и со луѓето нѐ прават емотивно зрели и духовно стабилни – нешта што се многу важни за целиот наш живот.
10. УЧИЛИШНИТЕ ГРАДИНИ МЕГДАН ЗА КРЕАТИВНИ ИДЕИ
Од самиот почеток на создавање на градината, таа претставува креативен предизвик. Треба да се најде соодветно место во училишниот двор, треба да се осмисли како ќе изгледа, дали и каква ограда ќе има, што ќе се сади… А откако градината ќе го добие првичниот лик, полето на креативноста уште повеќе расте.
Филип Димкоски, дипломиран земјоделски инженер, поет, активист и член на „Слоу фуд – Прилеп“