Од почетокот на месецов, во 11 средни училишта во Скопје се реализира проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“ како една од главните активности на стратегијата на Град Скопје за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост.
Во рамките на овој проект, ќе бидат реализирани бесплатни тримесечни курсеви за изучување на македонскиот, албанскиот и турскиот јазик наменети за учениците и наставниците, чиј мајчин јазик е различен од оној на избраниот курс.
Со посетување на курсевите, учениците ќе имаат можност да стекнат основни познавања за јазикот на кој зборуваат нивните соученици, што ќе придонесе за нивна јазична социјализација.
За оваа активност интерес пројавиле вкупно 1.173 ученици и 69 наставници. Од нив 769 ученици (поделени во 20 групи) ќе следат курс за изучување на македонскиот јазик, 224 ученици и 69 наставници (во 15 групи) ќе посетуваат курс по албански јазик и 180 ученици (во 13 групи) ќе го следат курсот по турски јазик.
Курсевите се логистички и финансиски поддржани од Град Скопје, а ги држат наставници вработени во средните училишта. Часовите се држат во училиштата: „Здравко Цветковски“, „Никола Карев“, „Владо Тасевски“, „Арсени Јовков“, „Д-р Панче Караѓозов“, „Боро Петрушевски“, „Зеф Љуш Марку“, „Јосип Броз Тито“, „Димитар Влахов“, „Георги Димитров“ и „Браќа Миладиновци“. Во другите училишта во Скопје вакви курсеви е предвидено да се организираат во првото полугодие од наредната учебна година.