ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: Љ
Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
Приказнарот: Љ… Што може да биде Љ?!… Се сетив! Љ е почетната буква на едно село во Ресенско што се вика Љубојно. Еден Кољо од Љубаништа ја знае приказната за Љубена и Љуба. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Љ да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.
Приказнава е стокмена за еден Љубен од Љубојно. Пред многу, многу години во Љубојно си живеел некојси Љубен. Живеел во Горно Маало, најгоре до шумата. Над него дабова шума, под него Љубојно со полето. Куќата во која живеел имала убав и голем балкон, та кога бил слободен ќе си турел една чашка ракија, ќе пресечел два-три патлиџани, ќе извадел од качето сирење и си се мезел. Ај што се мезел, ама уживал да го слуша биљбиљот што пеел во шумата. Кога ќе запеел биљбиљот не му била доста една чашка ракија, си турал уште една за да му биде токму. А биљбиљот не само што пеел, туку му ја знаел и маката на Љубена. Затоа тој секогаш пеел весели песни, да го расположи, што се вели, малку од малку.
Тажен си, а? Љубен, ме слушаш?!
Те слушам, те слушам…
Расположи се малку, не можам да те гледам ваков!
Како да се расположам, ајде де, како?!
Знаете што била работата?.. Љубен многу ја сакал Љуба од Долно Маало, ама никако да се реши да ѝ каже. Вртел Љубен во Долно Маало, не дека не вртел, но, а ќе се доближел до дворот на Љуба нозете ќе му се пресечеле, та одвај се враќал дома.
И така со месеци.
Голема тага се насобрала во срцето на Љубена љубанчанецот и ако не бил биљбиљот, којзнае што ќе било и како ќе било со него.
Љубен, мислиш мене ми е арно што те гледам ваков, а?
Знам дека не ти е, ама тоа е…
Ги потрошив сите весели песни, ми останаа само тажните. Кажувај што да правам!
Не знам пријателче, не знам…
Ама, биљбиљот љубански не бил обичен биљбиљ.
Еден ден се разлетал над Љубојно, и буп, слетал на крушата кантарка во дворот на Љуба. И почнал да ги пее најтажните песни што постоеле во светот. Излегла Љуба во дворот и почнала да го слуша биљбиљот. Толку многу се растажила, та почнала да плаче. Биљбиљот пеел на круша, Љуба плачела под круша.
Зошто толку тажно пееш, зошто?
Ама, биљбиљот како да не чул ништо, продолжил да пее.
Едно време летнал. Првин застанал на една липа, од липата на оревот, од оревот на јаболкницата, од дрво на дрво стигнал до дворот на Љубена. Еее, драги мои, Љуба тргнала по биљбиљот. Поминала под липата кај Шендерковци, стигнала кај оревот на Видиновци, поминала покрај јаболкницата на Шаљковци и едно време се нашла во дворот на Љубена од Горно Маало. А, Љубен на балконот пиел ракија и си мезел од сиренцето. Кога ја видел Љуба уште малку што не паднал од балкон. Колку убава слика, почитувани деца… Љуба гледа во Љубена, Љубен гледа во Љуба. Се гледале некое време, а биљбиљот кога видел до каде е работата свртил да пее весели песни.
Овде ќе има свадба! – подвикнал биљбиљот и летнал да си бара друшка со која ќе свие ново гнездо.
Каде го направиле гнездото во приказната не пишува. Но, пишува дека по две недели во дворот на Љубена љубанчанецот свиреле свирачи. Велат поубава свадба немало во Љубојно. Што?… Не ми верувате?!… Ако ми верувате арно, ако не уште поарно.
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Љ ги отклучуваме: Љубен, Љубојно, Љуба, љубанчани, љубанци, Љубаништа…
Наместо белешка за авторот
Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.