НОВИ КНИГИ

Оваа култна детска сликовница, која во раните 1990-ти години беше неизоставен дел од изборот на книги за роденденски подарок, сега со новиот освежен изглед ќе ги освои новите генерации.
Напишана со топли, убави приказни, во кои се учи, вреднува и обликува детската мисла и развој, оваа книга е вкусно парче радост за родендените што го заслужува секое дете во животот. Но не само детето, во книгата темите се универзални, за возрасните е потсетник колку малите важни нешта го чинат животот убав. Илустрациите придонесуваат целата атмосфера во книгата да биде волшебна, самовилска, со карактери блиски на децата, но и со специфични ликови, кои се поврзуваат со народното творештво од универзалните бајки. Така, освен пеперутките, врапчињата, ежињата, меѓу страниците на „За твојот роденден“ царуваат и вештерките, змејовите, самовилите од приказните и го прават читањето шаренолико задоволство.

Книгата „За твојот роденден“ првпат беше објавена од „Младинска књига“ во 1982 година и стана вистински хит во тогашните југословенски книжевни простори. Новото издание, со нов изглед, беше објавено во 2020 г. од „Лагуна“, Белград.
Издавачкиот центар „Три“ неодамна ја објави на македонски јазик новата верзија на книгата во колор-страници, со разиграни фонтови и преубава корица. Текстот е на Снежана Пејаковиќ-Киќовиќ, а илустрациите во новото издание се на Александар Золотиќ.
Книга што не е само обичен подарок туку е сентимент, потсетување на вредностите, другарството, на грижата едни за други, учење броеви, форми, приказни… Богатство меѓу корици, кое останува засекогаш, за сите деца и возрасни.


„Мачорот Пабло“ – едукативна сликовница за најмалите

На сите дечиња во пресрет на новогодишните празници „Лајонс клуб“ и „Лео клубот“ од Велес им ја подаруваат детската сликовница „Мачорот Пабло“. Оваа едукативна книга е наменета за децата од предучилишна возраст, а во неа низ приказната за Пабло, миленичето што малата Мери го добива како новогодишен подарок, децата имаат можност да ги научат основните навики за здрав живот.
Приказната за Пабло веќе е достапна во аудиоверзија, а наскоро се очекува и печатеното издание. Автор на текстот е Ана Милевска Ѓеоргиева, а илустрациите во сликовницата ги изработи Теа Мијалкова. Видеоанимацијата е на Антонио Зографски, додека гласот за приказната на мачорот Пабло е на велешкиот актер Фаик Мефаиловски.
– Искрено се надеваме дека институциите за деца од предучилишна возраст ќе ја препознаат пораката што Пабло им ја испраќа на децата и ќе го прифатат делото во својот план за работа во иднина.

Покрај македонска, сликовницата е предвидено да добие и англиска верзија, како и верзии преведени на јазиците на заедниците во земјава. Аудиоверзијата е од огромно значење за дечињата со оштетен вид, а за оние, пак, со оштетен слух и вид е предвидено нејзино печатење на знаковен јазик. Тимот што работеше на овој проект планира да го надградува во иднина и, по објавувањето на првиот дел, да се работи на раскажување на новите авантури на мачорот. Се надеваме на соработка со театарската фела, за приказната за Пабло во иднина да им ја доближиме на децата преку театарска претстава, а во план е и издавање боенка. Благодарност за сите организации и поединци соработници што ја поддржаа идејата и придонесоа за нејзина конечна реализација – вели Антонио Зографски, Претседател на „Лео клуб – Велес“.

Аудиосликовницата е во продукција на „Тим амигоси“ и „Лео клуб“ – Велес.