Илустрација: Игор Јовчевски

ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: Л

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: Л… Што може да биде Л?!… Се сетив! Л може да биде лампион, а може да биде и лешник. Одбери и земи. Л може да биде и лето, а може да биде, да биде и… ливада. Убава цветна ливада без лето нема. На Л има илјада и сто приказни, јас ќе ви ја раскажам за лисицата и за зајакот. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Л да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме. Приказнава е стокмена за една лисица од селото Лисиче. И почнуваме со некогаш одамна… Некогаш одамна си живеела една лисица над село во едно лозје, таму, горе до леските. Лисичани ја ќе ја виделе еднаш месечно, ја не, ама кога ќе ја виделе веднаш ја препознавале по долгата опашка. Не знам зошто, но кога ќе ја виделе никој не помислувал да земе пушка в раце и да пука по неа. Си живеела спокојно и мирно во лозјето на лисичанецот Лазар, таму, горе, до леските. Кажуваат дека била многу итра, препредена до немајкаде. Но, почитувани деца, итроштините ѝ ги открил еден зајак, никој друг, туку – тој. Зајакот, пак, живеел малку погоре од лисицата и бил познат како зајко-лајко, демек не го лаеле кучињата и се шетал ко бег низ поле.

Лиске!… Сестро!
Пак, ти?!… Тргни ми се од пред очи, те молам!
Сонцето ѕирка и не вика! Убав ден, сосетке!
И, станала лисицата. Си го измила лицето, ставила и малку пудра, црвенило на усните и седнала на триножникот. Зајакот свртил едно кругче околу лозјето на Лазара лисичанецот и ете ти го, пак, кај лисицата.
Зајко-лајко, ова да ти биде прв и последен пат да ме будиш толку рано. Ти велам, седи си мадро, да не добиеш модро.

А, значи ме караш, а?… Сакаш да ти ги кажам сите работи в очи? Ако си ти итрата, јас сум трактор со приколка. Види вака, мислиш ако фаќаш кокошки одвреме-навреме, по една од секој двор… мислиш ги излажа лисичани, а? Демек кокошките ги дигна соколот! А, ти, овде, манџи, супи, чорби… гледам и пилешки прсти си научила да правиш. Ти дојде крајот, да знаеш – подвикнал зајакот и си заминал.
Се исплашила лисицата од муабетов, почнала да размислува… Демек ќе ја кажел зајакот на лисичани и ќе завршела еднаш засекогаш со итроштините.
Зајко-лајко, дојди дадичка да ти каже нешто. Дојди! Трчаш?!
Кажи!

Си читал приказни за животни?
Не ти кажувам.
Почни читај. Не за друго, туку да дознаеш кој е кој, кој е најсилен, кој најбрз, а кој најитар. Да ти ја кажам таа со волкот?
Ти кажувај си приказни, а јас знам што да им кажам на лисичани. Остани ми со здравје, пријателке.

Толку од муабетот. Е, сега итроштината на лисицата требаше да се докаже. Не, не чекала многу. Уште веднаш влегла во селските градини и почнала да корне зелки, да ги фрла преку оградите, да ги подгризнува по зајачки и… Што, и?! Другиот ден лисичани збеснале. Море, понервозни никогаш не биле.
Зајакот, тој е безобразникот, тој!
Да тргнеме и да го најдеме!
Знам каде е! Тргнувајте по мене!

И лисичани го подбрале зајакот и не само што го подбрале, туку и го одрале. А, лисицата со долга опашка… Што, таа?!… Продолжила да си живее во лозјето на лисичанецот Лазар, си продолжила да си јаде по една кокошка на пет-шест дена, продолжила да си вари манџи со ориз и копани, да прави супи со фиде и крилца и да врти кокошки на ражен во новиот шпорет на гас. Сум за верување или не сум, а?! Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!

За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Л ги отклучуваме: лампион, лешник, ливада, лето, лисица, Лисиче, Лазар, лески, лозје, лае, лице…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.

Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.