Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
Приказнарот:
Б! Б може да биде, може да биде… боцка! Што мислите, дали Б може да биде и бисер во некоја школка, а? Се разбира дека може. Едни деца заедно со мене брзаа да стигнат на време кај дедото што се вика Благој. Ама дедо Благој не е обичен дедо, тој знае многу приказни и многу убаво ги раскажува. Вчера ни ја раскажа оваа… Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови кои почнуваат на буквата Б да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.
Приказнава е стокмена за браќата Борис и Бранко од село Бистрица, едно многу убаво село во Битолско. Ај што биле браќа, туку биле и близнаци. И ај што биле близнаци, туку си имале и своја бреза – врсничка. Сѐ убаво, само што брезата им избегала во растењето, божем пораснала многу високо, што се вели, до небо. Браќата близнаци ѝ биле малку љубоморни на брезата, но ја сакале секој на свој начин. Борис, кој бил помал од Бранко две минути, под сенката на брезата го пиел утринското млеко, а Бранко под брезата фаќал бубачки и божем со нив знаел да си игра.
Годините си врвеле, браќата растеле… и, еден убав и весел ден, на брезата слетал був. Еј, во Бистрица, на брезата на браќата Борис и Бранко слетал був, велат голем и умен. Ами, сега!?… Кога го виделе бувот близнаците подизбегале, се подуплашиле…
– Бате, мене ми е малку страв, ќе го викнам тато!
– Чекај, не брзај!
– Не брзам, ама страв си е страв… почнал да пелтечи Бранко.
– Бегате, а?! – едно време му подвикнал бувот.
– Леле, овој зборува! Бате, нели чу нешто, а?
По ова молчеле и браќата близнаци, молчел и бувот. Ама, толку се молчи. Бидејќи Борис бил понервозниот од близнаците, едно време му подвикнал на бувот…
– Еј, ти, таму, брезата е наша!
И Борис сакал нешто да каже, но не можел да се сети што. Колку да каже нешто, се поднакашлал…
– Брезата ја насади татко ми кога се родивме ние. Таа ни е сестра!
Еее, сега на ред бил бувот, но бидејќи секој збор го мерел на кантар, решил да молчи. Решил да направи нешто друго. Погодете што?!… Не верувам дека ќе погодите и затоа ќе ви кажам… Им ги покажал двете бувчиња близнаци.
– Близнаци се, бувчиња близнаци – им рекол спокојно бувот на браќата близнаци.
И, тука, кавгата, ако била кавга завршила. Се доближиле браќата до брезата, се симнал долу бувот со бувчињата, се расприкажале надолго и нашироко, што се вели станале пријатели.
И така, под брезата Борис и Бранко, на брезата бувот со бувчињата. Велат и до ден-денешен пријателството продолжило, ама сега Борис пораснал и станал бравар, Бранко станал бербер и ги потстрижува децата од Бистрица, а бувот со бувчињата отворил училиште во кое ги учи птиците убаво да пишуваат, уште поубаво да летаат и културно да се однесуваат.
Ако одите накај Битола скокнете до Бистрица и побарајте ги близнаците Борис и Бранко. Ако не друго Бранко убаво ќе ве потстрижи. Сега, за бувот не знам дали ќе ми верувате, ама пак ќе ви речам: Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Б ги отклучуваме: Борис, Бранко, бреза, був, бувчиња, близнаци, Бистрица, бербер, бравар, боцка, бисер, брза, Благој, Битола, бега, бубачки, божем, браќа…
Наместо белешка за авторот
Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.