Во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во селото Рајчица, кај Дебар, заврши четвртата смена од годинашниот летен камп по веронаука.
– Гости во монашката обител на светиот Георгиј Победоносец беа дваесетина девојчиња од Радовиш, Битола, Прилеп и Охрид. Во текот на петдневниот престој тие имаа прекрасна и за нив многу корисна можност, освен предвидената едукативна програма, да се запознаат и со монашкото секојдневие, учествувајќи во разните послушанија на нашето сестринство – вели сестра Ефимија.
Таа додава дека, како и претходните смени, деновите ги минале со детска радост и љубов.
– Поучните и длабоки разговори за христијанската етика и однесување, расветлувањето на историските состојби и најважните настани во врска со Охридската архиепископија и од нив инспирираните чудесно убави уметнички дела, беа само дел од целиот мозаик, со право наречен „Школа на љубовта“, која веруваме дека остави силен впечаток во нивните души – посочи сестра Ефимија.
Како и нивните врсници од Струмица, Гостивар, Кочани, Скопје, Прилеп, Битола и од Велес, кои претходно беа наши гости, во манастирот во Рајчица, но и во Бигорскиот манастир, како што вели сестра Ефимија, и тие искажаа огромна благодарност до архимандрит Партениј за укажаното гостољубие и грижа.
Манастирски гости во рамките на петтата смена од годинашниот летен камп по веронаука се деца од Пробиштип и од Тетово.